Време е конечно да се изгласаат законите кои се чекаат со години, а се од големо значење за реформите во јавната администрација, порачува министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу во интервју за Порталб.

Закон за висока раководна служба, закон за агенција за дигитализација, закон за административни службеници, закон за вработени во јавен сектор, закон за медиуми. Ова се дел од законите кои мора да бидат усвоени во наредниот период, во рамки на реформите во јавната администрација и дигитализацијата на услугите, а со тоа да се подобри оценката 3 што ја доби Република Македонија во скрининг извештајот од Европската Унија, вели Алиу.

Тој потсетува дека се очекува наскоро да се отворат шалтери „една точка за услуги“ во сите филијали на нациналната Пошта, а во меѓувреме, како што вели, „да се создадат дополнителни механизми за принудување на институциите да ја користат платформата за интероперабилност, што досега ја правеа по своја волја иако имаа законска обврска“.

Софтверот што овозможува, како што вели министерот, вработување по етничка припадност, т.н „Балансер“, дури и да се отстрани, треба да се замени со нешто друго за да се заштити демографската структура на државата.

За балансерот се зборуваше многу и внатре и надвор од државата. И во однос на злоупотребата на балансерот, и во однос на тоа колку балансерот навистина дава вредност во нашето општество. Ако ние решиме да го отстраниме балансерот како инструмент за заштита на граѓаните во државата, задолжително мора да го замениме со нешто друго. Ние не можеме да воспоставиме инструмент, кој иако е злоупотребен, знаеме од различни институции дека Македонец е регистриран како Албанец бидејќи балансерот на тоа работно место одредува албанска националност. Да не зборуваме за националност, имаме многу наши граѓани кои се регистрираат како Роми, Турци и слично. Такви злоупотреби имало и верувам дека ќе има и во иднина, но од друга страна не треба да седиме и да кажеме, ок, злоупотреби има, сепак балансерот горе-долу ја нормализира состојбата. Сметам дека со овие три закони и со пристапот кој ќе се создаде или уште еден нов закон за заштита на демографската структура на државата, сепак треба да работиме за ова, вели Алиу.

Анализираме, дополнува министерот, различни форми за тоа како може да се подобри балансерот или, од друга страна, ако не може да се подобри, како да се создаде посебен закон кој ќе ги заштити демографијата и демографската структура, како во јавната администрација, така и во согласност со демографијата во државата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.