Претседателот на ДУИ Али Ахмети повторно го користи кабинетот на Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, со кое раководи неговиот пулен, вицепремиерот Артан Груби, за партиски средби.

Синоќа ја угости амбасадорката на Шведска во Македонија Ами Ларсон Јаин, а како што пренесува во соопштението на неговиот фејсбук-профил само на албански јазик, разговарале за „европската перспектива на нашата земја и регионот, виталните предизвици и процеси кои се пред нас, пристапоткој ја одредува брзината на нашиот чекор на патот на интеграцијата и целата стабилност и безбедност“.

Изразив став дека Демократската унија за интеграција е подготвена за избори во секое време и во која било форма, посебно или заедно, и дека црвените линии од кои не се движиме се: Охридскиот договор, Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство и признавањето Независност на Косово, порачува Ахмети.

Ова не е првпат Ахмети да ги користи државните простории за партиска агенда, но според премиерот Димитар Ковачевски, не станувало збор злоупотреба бидејќи бил „присутен и домаќинот“.

Гледајте прво на таа средба присуствува и вицепремиерот. И на него е кој ќе повика на состанок во кабиентот. Кога имам јас состаноци тогаш доаѓаат гости коишто одржуваат состаноци, меѓутоа јас сум присутен во кабинетот, исто како што тој е присутен во својот кабинет. Сметам дека не е злоупотреба доколку луѓе користат канцеларија со домаќинот за состаноци, изјави Ковачевски неодамна, повторно одговарајќи за оваа злоупотреба.

Вицепремиерката задолжена за политики и добро владеење, Славица Грковска тогаш порача дека е недозволиво престапување на кодексот и дека партиските и државните активности мора да бидат разделени, но и дека како член на Влада, во овој случај „нема механизам за постапување“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.