Обвинувањата на опозицијата дека АА го штити Јавниот обвинител се неосновани и само докажуваат колку се неинформирани за постапките и за конкретниот случај. Опозицијата со последните дејствија изигрува комичен театар, поднесувајќи интерпелација за главен обвинител на кој сега му истекува мандатот, додека министерот за правда Кренар Лога испратил информација до Владата, со која и официјално го започна процесот за избор на новиот главен обвинител, реагираат од Алијанса за Албанците.

Од партијата ја пренесуваат постапката и роковите за избор на Јавен обвинител според законските одредби кои мора да се почитуваат:

„Постапката за именување на Јавниот обвинител на Република Македонија е уредена во член 64 од Законот за јавното обвинителство. Во член 63 ставот 1 од наведениот закон е пропишано дека Јавниот обвинител на Република Македонија, по предлог на Владата на Република Македонија, го именува Собранието на Република Македонија за време од шест години со право на повторно именување.

Постапката за именување на Јавен обвинител на Република Македонија започнува со огласувањето на именувањето. Имено, во членот 64 во ставот 1 е пропишано дека Собранието на Република Македонија на предлог на Владата на Република Македонија го огласува именувањето на Jавниот обвинител на Република Македонија во „Службен весник на Република Македонија“ и во најмалку два дневни весника од кои еден од весниците што се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, најдоцна два месеца пред истекот на мандатот или веднаш по упразнувањето на местото. Јавниот обвинител на Република Македонија е должен да ја извести Владата на Република Македонија за истекот на мандатот најдоцна во рок од три месеци пред истекот на истиот.

Рокот за поднесување на пријавите е 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Во ставот 3 е пропишано дека Советот на јавни обвинители на Република Македонија, на барање на Владата на Република Македонија во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето до Владата на Република Македонија доставува образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите согласно со закон.

Ставот 4 уредува дека Владата на Република Македонија до Собранието на Република Македонија доставува предлог за именување на Jавен обвинител на Република Македонија од пријавените кандидати за кои Советот на јавни обвинители на Република Македонија дал позитивно мислење. За кандидатот што ќе го предложи Владата за Jавен обвинител на Република Македонија, кон предлогот се доставува и мислењето од Советот на јавни обвинители на Република Македонија.

Доколку Советот на јавни обвинители став 5 од оправдани причини во рокот од ставот (3) на овој член не достави мислење до Владата на Република Македонија, рокот од ставот (3) на овој член се продолжува уште за 15 дена. Ако и во овој рок Советот на јавни обвинители на Република Македонија не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно.

Исто така, ако Советот на јавни обвинители на Република Македонија не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати Владата на Република Македонија не може да утврди предлог за именување на Jавен обвинител на Република Македонија и ќе му предложи на Собранието да го повтори огласот од ставот (1) на овој член.

Согласно наведеното, а врз основа на член 64 од Закон за јавното обвинителство, потребно е по добивањето на известувањето од Јавниот обвинител на Република Македонија за истекот на неговиот мандат, Владата на Република Македонија до Собранието да достави предлог за огласување на именување на Јавен обвинител на Република Македонија“, информираат од Алијанса за Албанците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.