2023 нема да биде изборна година, дециден е премиерот Димитар Ковачевски. Во интервјуто за МРТ Ковачевски објасни дека билатералниот скрининг на земјава со ЕУ ќе трае до ноември и нема да се прекинува по 17 години чекање. Исто така, ги спомена енергеската и економската криза, за чиешто решавање се потребни функционални институции.

Трето, имаме за носење голем број одлуки во Собранието кои што бараат широк општествен и политички консензус и кој што консензус нема избори да го обезбедат, јас гледам некои политички партии викаат ние ќе гласаме доколку ќе има избори, рече Ковачевски вечерва во интервју за МТВ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на брифинг со новинарите, изјави дека очекува следната година да има предвремени избори. Мицкоски дури и посочи конкретни датуми – 14 или 21 мај, а според него, кампањата би почнала кон крајот на април.

Според Ковачевски, поддржување избори на сметка на стратешки прашања е „апсолутно несоодветно“.

Јас можам да ја разбирам позицијата на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тие се наоѓаат во комплетно заложништво на Левица. Во моментов наративот на опозицијата го води Левица или Димитар Апасиев, со оглед на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ нема став во ниту едно прашање, но ниту имале некогаш став, ниту визија, ниту пак одлучност и сите бевме сведоци како тие го менуваат ставот во однос на пристапувањето кон ЕУ. Прво се прифаќаше јавно договорот со Бугарија, па потоа нивниот претседател кажа дека ќе поддржи уставни измени со наредниот бугарски премиер, па потоа кажа дека нема да поддржи и бараше нотарски изјави од пратениците, па потоа кажа дека ако европските институции дават некаква гаранција ќе поддржи, па за потоа да кажи дека никако нема да поддржи, и тоа е практично немање на став по најважно прашање, рече тој.

Според него, истото тоа го гледаат граѓаните, затоа, како што кажа, се и личните рејтинзи на политичарите такви, така што смета дека пратениците на Собранието и политичките партии ќе имаат како што вели, визија и храброст да донесат одлука со која ние го продолжуваме нашиот пат во ЕУ.

Ќе има уште одлуки, јас тоа го кажував, што е се однесуваат на системско уредување на државата во многу области, здравство, правосудство, па и енергетскиот сектор, екологијата и така натаму, тоа нема да бидат едноставни одлуки, меѓутоа сето тоа ќе ја направи Македонија да биде на ниво на функционирање кои што сите ние го сакаме, а тоа е функционирањето на земјите членки на ЕУ, нагласи Ковачевски.

Според него, сите обвинувања што од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа кажани при прифаќањето и носењето на заклучоците во Собранието во однос на европскиот предлог предложен од Француското претседателство паднаа во вода.

-Започнавме преговори со ЕУ со македонски јазик и заштитен идентитет. Се изгради огромна хистерија во општеството дека ќе се сме биле асимилирани, ќе сме биле бугаризирани и ќе сме го изгубеле македонскиот јазик. И се случи токму спротивното. Прво ги отпочнавме преговорите со ЕУ во месец јули, на 19 јули, а на 26 октомври го потпишавме договорот со ФРОНТЕКС, на чист македонски јазик, без никакви додавки, фусноти или дообјаснувања. Прв пат договор потпишан со сите 27 земји членки на ЕУ. И тоа договор потпишан на сите јазици на ЕУ, одобрен и од Грција и Бугарија. Кој можеше да верува во такво нешто? Второ, во Грција се отвори центар за македонски јазик, кој можеше да верува во такво нешто. Трето, во Скопје се отвори бугарски културен центар од официјалните институции на Бугарија, исто како што ние отворивме канцеларија на МИА во Софија, во македонски културен центар. Тоа е начинот, порача Ковачевски.

Тој оцени дека со ширење внатрешни тензии во општеството, со ширење недоверба со соседите не се стига никаде, и оти, тоа, како што кажа, не е начин за напредок на државата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.