„Ние нудиме реална приказна, а не илузија, бајка којашто не може да се оствари и којашто горко ќе ја платиме 10 години подоцна под многу полоши услови и под многу потешки услови доколку го отфрлиме ова што сега го имаме“, е коментарот на вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за европскиот пат на државата, во гостувањето во Дневникот на Сител.

Тој смета дека тоа е повеќе едно размислување со список на желби на Мицкоски отколку реален предлог, бидејќи како што вели Маричиќ и во минатото гледале такви предлози кои ја ставиле земјата на десетгодишна лента на чекање.

„Знаеме дека идејата на ВМРО-ДПМНЕ е да претстави пред граѓаните дека тие ќе испреговараат подобар предлог. Мислам дека тоа е една илузија која се нуди на граѓаните и којашто да се разбереме, звучи добро за сите“, рече Маричиќ, потенцирајќи дека успеале да го добијат максимумот во Францускиот предлог, со оглед на војната во Украина и сè друго што треба да се земе предвид.

Маричиќ рече дека ова беше година на тешки одлуки и дека минатото лето Владата имала тежок преговарачки процес, но тоа биле државнички и стратешки за нашиот натамошен пат.

„Истото го имавме и пред 4 години кога требаше да влеземе во НАТО и сега сме исправени пред една таква дилема. Францускиот предлог е нешто што беше интензивно преговарано со најголемите сили во Европа и во светот“, истакна Маричиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.