Премиерот на Косово, Албин Курти, порачал дека Европската Унија мора да се прошири, дека Западниот Балкан треба да го поддржи проширувањето, а земјите кандидати треба да спроведат реформи кои го забрзуваат членството.

Во соопштението на косовската влада се наведува дека Курти ова го кажал при учеството на работната вечера на покана на премиерот на Словенија, Роберт Голоб и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел на Бледскиот форум.

На тема „Солидарност за глобална безбедност“, во чии рамки годинава се одржува форумот, на вечерата се разговарало за регионалната соработка, членството на Западниот Балкан во Европската Унија и безбедноста.

Курти ја истакнал важноста на договорите постигнати минатата година во берлинскиот процес, при што особено ја истакнал слободата на движење.

На 1 јануари 2024 година сите граѓани на Република Косово ќе патуваат без визи во земјите на Европската Унија, додека визи ќе бидат потребни за Босна и Херцеговина. Во овие 50 дена што преостануваат до самитот во Тирана, важно е да се почне целосно спроведување на трите договори што ги потпишавме во Берлин“, изјавил Курти.

Косовскиот премиер ги поздравил повиците на Голоб и на Мишел, за фокусирање на проширувањето на Европската Унија, како и можностите за земјите од Западниот Балкан. Курти истакнал дека предуслов за тоа е почитување на малцинствата и меѓусебно признавање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.