По пауза од две години, поради ковид-пандемијата, во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје од 6 до 8 јуни ќе се одржи Интернационалниот детски фестивал на сенки „Сонот на облачето“ во организација на театарот на сенки „Сенки и облаци“.

Како единствен фестивал од овој тип во поширокиот регион, „Сонот на облачето“ успешно придонесува кон интернационална и локална афирмација на театарот на сенки, а воедно е и една од ретките манифестации кај нас што во континуитет прикажува претстави од странска продукција пред детската македонска публика. Досега на Фестивалот гостувале театари од Шпанија, САД, Бразил, Русија, Турција, Франција, а за деветто издание се најавени гости од Србија и Италија.

Во овие 17 години од кога постои театарот „Сенки и облаци“ поминале секакви темни облаци, но ние сме тие кои го сакаат сонцето, вели основачот на театарот, актерот Круме Стефановски.

Театарот „Сенки и облаци“ кој се наоѓа во скопско Дебар маало успеа да опстои во услови на пандемија и забрана за посета на јавни настани. За жал, немаа можност да ги отворат вратите за публиката повеќе од две години, но сега, откако работите се сменија, планираат од есен да имаат претстави во континуитет. Тимот кој го сочинува Театарот е мал, но сложен и работи посветено, бидејќи како што вели Стефановски, играта со сенки е предизвик за сите.

Тимот на театарот „Сенки и облаци“

Од 6 до 8 јуни во МКЦ ќе се одржи 9. издание на Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“. Организатор е театарот на сенки, „Сенки и облаци“. Овој театар не е многу популарен во светски рамки, но како Вам ви успеа толку години да се „заиграте“ и да го надградувате?

СТЕФАНОВСКИ: Ова е театар кој дава голема слобода во изразот и играта, и веројатно заради тоа се заигравме толку години. Можеме да нурнеме во длабочините на океанот и да патуваме до вселената, и сето тоа да е уверливо и да не е премногу сложено да се претстави. За сето тоа во класичниот театар треба повеќе простор, сретства и прецизни технички решенија. Веројатно слободата во играта што ни ја дава овој театар, и со искуството што веќе го имаме да најдеме соодветни решенија во сцените е тоа што нè држи возбудени и секогаш спремни за игра и креирање нови претстави.

Фестивалот секогаш буди големо интересирање кај децата. Дали тие деца, сега веќе пораснати, со годините, доаѓаат и понатаму ги следат претставите?

СТЕФАНОВСКИ: Пандемијата ни одзема две години од играта во нашиот театар и организирање на Фестивалот. Сега одново се обидуваме да го продолжиме прекинатиот континуитет. Фестивалот оваа година го преместивме од ноември, во јуни, и сè уште не сме сигурни како ќе помине оваа промена. Секогаш имало голем интерес за Фестивалот, но двегодишната пауза можеби нешто ќе измени. На нашите претстави секогаш доаѓала и возрасна публика, така што очекувам да има нови деца и возрасна публика која е веќе фан на нашиот театар и фестивал.

Освен претстави, на секое издание на Фестивалот има и работилници. Која е темата на работилниците оваа година?

СТЕФАНОВСКИ: Како и секогаш, од првото издание на нашиот фестивал, сме се труделе да има бесплатни работилници за што повеќе деца. Оваа година ќе има две бесплатни работилници, со двајца различни ментори. Првата е на нашиот познаник и соработник, скопскиот уметник Доротеј Нешковски и ќе биде во вторник, а во среда ни доаѓа Кемал Полак од Турција, и тој ќе ни ја покажа техниката и играта на Караѓоз – традиционалниот турски театар на сенки. Се надевам дека и оваа година ќе биде многу посетено и забавно.

Кои се гостите на ова издание на Фестивалот?

СТЕФАНОВСКИ: Во понеделник, за отварањето го имаме театарот од Рим – Италија, со претставата „Лавиринт“. Ни доаѓаат со претставата која беше на отворањето на Венециското биенале, која е наменета за поголеми деца и возрасни. Специфична естетика на скулпури од жица, светла и магија која ги создава сенките. Препорака за сите возрасти. Во вторник ни доаѓа театарот од Белград, Србија, со претставата „Заборавените принцези“. Забавна, интерактивна претстава за сите заборавени принцези од бајките. Во среда е претставатана нашиот театар – Сенки и облаци, насловена „Колку е часот?“ Колоритна, динамична, разиграна, раскажува дека со посветеност, внимание и љубов сè е можно. Од нашиот театар во вторник имаме уште еден перформанс што ќе се одигра на отворено, во паркот пред МКЦ со име Флудо – духчето на водата.

Најавена е и промоција на „Театарски за игра на сенки“. Може ли да ни кажете нешто повеќе за овој креативен сет? Што може тој да им понуди на децата?

СТЕФАНОВСКИ: Креативниот сет – театарче за игра со сенки ни беше дамнешна желба да го направиме. Секогаш пречка ни беа средствата или времето – многу ангажмани и фокус на други работи. Сега дојде вистинско време за популаризација на театарот на сенки преку овој сет кој ќе биде достапен на фестивалот и понатака во книжарниците низ Македонија. Идејата е секое дете што сака и има интерес за овој театар, да му биде достапони и да може да игра дома и да ја развива својата имагинација. Текстот од претставата „Колку е часот?“, како и фигурите – куклите од претставата се вклучени во сетот. Ќе има и линк до нашата веб страна, каде ќе можат децата да си ја пуштат снимена нарацијата и дијалозите, па по неа да играат. Направивме комплетен производ со кои децата ќе си ја развиваат својата креативност и ќе можат да се забавуваат.

Во најавата за фестивалот е запишан и мултимедијалниот перформанс за животот на духчето Флудо. Што се крие зад оваа приказна?

СТЕФАНОВСКИ: Духчето Флудо е духот на водата. Имагинарен лик кој ја води приказната во оваа претстава. Како одговор на зголеменото уништување на природата и природните ресурси, водите и изградбата на мали хидроцентрали во заштитени подрачја и недопрена природа, во соработка со Еко-свест, да се ангажираме во борбата продив уништувањето на природата и подигнување на свеста кај луѓето. Претстава е наменета за сите возрасти. Ќе се изведува во паркот пред Младинскиот културен центар и влезот за неа е слободен.

Какви се вашите искуства, дали во екипата која го создава Фестивалот има некој кој дошол како гледач, а потоа станал дел од тимот на театарот?

СТЕФАНОВСКИ: Во екипата ни се придружи Дарко Богески, кој во изминатите години работеше како волонтер и помагач на фестивалот. Бидејќи е професионален актер, брзо се вклопи во нашата екипа и одлично одговори на сите нови задолженија. Се случувало во изминатите години, луѓе што биле гости да ни понудат некаква соработка, но не и некој гледач да се вклучи во екипата.

Во скопско Дебар маало пред четири години го отворивте првиот Театар на сенки „Сенки и облаци“. Како се развива оваа приказна и кои се вашите идни планови?

СТЕФАНОВСКИ: Некако успеавме да опстанеме во услови на пандемија и забрана за посета на јавни настани. Повеќе од 2 години немавме можност да ги отвориме вратите на нашиот театар за публика. Но за среќа работите се сменија и почнавме со по некоја изведба. Плановите ни се од есен да бидеме поактивни, и да имаме претстави во континуитет. Неизвесно е времево што го живееме, турбулентно е во секој поглед, но сепак нашата намера е продолжиме понатаму. Во овие 17 години од кога постои театарот Сенки и облаци поминале секакви темни облаци, но ние сме тие кои го сакаат сонцето. Ќе завршам со повик до сите кои го сакаат театарот да дојдат на нашиот фестивал „Сонот на облачето“, да ги донесат децата на работилници, да гледаат претстави, да се дружат и забавуваат. Не кажувам декларативно, туку знам и верувам дека децата се иднината на општеството и нашата намера е да направиме сè што можеме за да влијаеме позитивно на нивниот ментален развој, креативност и едукација. Се гледаме во МКЦ.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Приватна архива



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.