Изложба во чест на народниот херој Цветан Димов денеска се одржа во Музејот на град Скопје во рамки на прославата на 78-годишнината од ослободувањето на Скопје.

Во Скопје живееле и делувале многу истакнати револуционери, кои во текот на четиригодишната народно-ослободителна војна дале бројни жртви меѓу кои и на народниот херој Цветан Димов.

Веднаш по ослободувањето, на 26 јули 1945 година, Цветан Димов е прогласен за народен херој, како еден од првите борци кои го добиле ова одликување.

Цветан Димов, познат меѓу народот како Целе Чаирчанец, е роден во Скопје на 5 март 1910, а загинал во родниот град на 9 јули 1942. Тој е македонски комунист, синдикалец, и учесник во НОБ. Заедно со Орце Николов бил еден од најистакнатите организатори на работничкото и комунистичкото движење во Скопје помеѓу двете светски војни.

Набрзо, во почеток на јули, по една провала е уапсен. По тешки измачувања, бил фрлен од прозорец од четвртиот кат на Обласната бугарска полициска управа во Скопје од страна на Љубомир Јорданов, началник на групата А на државната безбедност во Обласната полициска управа. Набрзо починал во бессознание во затворското одделение на скопската болница. Бугарската полиција лажно кажала дека Димов се „самоубил“. Сведовштвото на неговиот убиец и мачител, најпрецизно го опишува настанот:

„По задржувањето на Цветан Димов во Управата, уште од првата вечер беше тепан по табаните. Идниот ден него го тепавме јас, Мачков, Панков и Рајков. Така беше тепан уште два-три пати. На 9 јули беше повикан да оди на сослушување. Одби, под изговор дека е болен. Два-трипати го испратив Чучков да го доведе, но тој упорно одбиваше, зборувајќи дека е болен. Јас се налутив и отидов лично.

Во неговата ќелија го пцуев и му се развикав. Тогаш тој стана и појде. Јас одев напред, а по него Чучков. Од ќелијата излезе откако двајцата му помогнавме. Но, тој сепак не можеше да оди, бидејќи беше претепан. Кога стасавме близу мојата канцеларија го бутнав накај прозорецот. Се занесе и се наведна на прозорецот. Тогаш го фатив за нозете, го подигнав и го турнав долу. Падна од вториот кат во внатрешниот дел на дворот, врз бетонот. Во тој момент во дворот беше еден од работниците на Управата и Цветан Димов падна покрај него. Потоа отидов и реков дека Цветан Димов се фрли сам. Исто така ова му го соопштив и на обласниот начелник. Кога го фрлив Цветан Димов низ прозорецот, беа присутни и агентите: Методи Попов – Величков и Трендафилов. На сите агенти им беше кажано да разгласат дека Цветан Димов сам се фрлил.“

Уште во текот на НОБ е испеана песна во негова чест, а денес, во негова чест, едно основно училиште и едно средно училиште во Чаир го носат неговото име. Во 1968 година куќата во Чаир, на улица „Јајце“, во која живеел и работел Цветан Димов, била прогласена за културно наследство, но денес оваа куќа повеќе не постои.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.