Роберт Велјановски ги повика сите културни работници да излезат на утрешниот протест за да го кренат гласот за зачувување на македонскиот јазик и идентитет.

Им се обраќам на оние со кои 30 години заедно верувавме дека создаваме убавина и естетски задоволства за нашиот народ, за нашата публика, на оние со кои 30 години заедно го печалевме горко-слаткиот театарски леб, вам, мои колеги актери, драматичари, режисери!

 

Излезете и соопштете им на оние кои сакаат нашиот македонски јазик, едно од нашите главни изразни средства на сцената, да го сведат на ниво на дијалект на јазик кој не е наш. Излезете и соопштете им дека грешат, дека не се во право, дека не понижуваат! Сетете се на кој јазик нашите професори глаголеа, нѐ учеа и нѐ воспитуваа – Алексиев, Иванов, Георгиевски, Милчин, Лужина, Дрваров, Чевревски… Сетете се на кој јазик пишуваа и на кој јазик ги игравме Џинот, Чернодрински, Цепенков, Крле, Панов, Иљоски, Чашуле, Андреевски, Плевнеш, Стефановски, Насев, Георгиевски… Излезете и потврдете дека нивниот јазик, нашиот јазик, е македонски јазик, а не дијалект на некој друг јазик. Сетете се на кој јазик го играме Шекспир, Молиер, Чехов, Калдерон, Бекет, Стопард…

 

Одважете се, излезете и потврдете дека ТИЕ не се во право, дека не навредуваат и понижуваат! Излезете и изборете се нашите деца, нашите внуци и правнуци да учат и да играат на македонски јазик. Излезете за да не онемиме!

 

ВЕ ПРЕКОЛНУВАМ, ИЗЛЕЗЕТЕ!!!

 

Ви се обраќам Вам, деца мои, вие кои доаѓате на моите часови, вам на кои од најдлабоките дамари на мојата душа ви го пренесувам сето она што го знам и кое го поседувам, излезете и вие, затоа што јас ќе заборавам сѐ што сум знаел на македонски јазик и никогаш нема да можам да ви го пренесам она што го знам на туѓ дијалект. Ќе онемам, ако го изгубам мојот јазик.

 

ВЕ СОВЕТУВАМ, ИЗЛЕЗЕТЕ!!!

 

Ви се обраќам и Вам, на оние кои со години се наша поддршка, на оние кои со аплаузи не испраќаат после секоја претстава, на оние кои јавно или потајно нѐ воспеваат или ни се потсмеваат, вам кои од нашите претстави излегувате насмеани или расплакани, на нашите верни гледачи – излезете и вие со нас, за да ни помогнете и нам и вам, да си го зачуваме она што не прави Македонци, нашиот македонски јазик кој не е и не смееме да дозволиме да стане нечиј дијалект.

 

ВЕ ЗАМОЛУВАМ, ИЗЛЕЗЕТЕ!!!

 

Не важно е дали ме сакате, не важно е дали Ве сакам, ВАЖНО е да си го зачуваме она што е наше и само наше, и на никој друг. Не важно е дали сте леви или десни, дали сте аполитични, дали сте верници или атеисти, важно е да кажете, да покажете кои сте и кој е нашиот јазик!!!

 

УТРЕ, САБОТА, 2 јули, 19 часот, пред Влада на Република Македонија!!! – порачува Велјановски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.