На 4 февруари 2023, со почеток во 20.00 часот во Националната опера и балет ќе се одржи концерт на нашиот тенор Благој Нацоски насловен како „ Вечер со Благој Нацоски: првите 20 години“.
Гости на концертот се Наде Талевска, сопран и Васко Здравков, баритон. Пијано придружба Јанинка Невчева, а режисер на концертот е Дејан Прошев. Водител: Огнен Јанески.
На програмата ќе бидат изведени арии од композиторите: Џузепе Џордани, Жил Масне, Џоакино Росини, Џузепе Верди, Франческо Чилеа, Џакомо Пучини и др.
Благој Нацоски е најпознатиот македонски тенор кој веќе 20 години ги освојува сцените ширум целиот свет. Се издвојува по особената музикалност, префинетиот стил на изведба, неговата харизма и впечатливиот сценски настап. Изминатите години Нацоски бележи огромни успеси во Миланска Скала, Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија, Палермо, Кина како и на светските премиери на оперите „Страв“, „Сега е мрак“, „Дрдорењара на Лапо“ каде ги толкува главните тенорски партии. Особено успешен е и како концертен односно камерен пејач изведувајќи музика на Шуберт, Шуман, Малер, Брамс во Дуо со пијанистот Лука Чамаруги.
Нацоски дебитира во февруари 2003 со настапот на сцената на Римската Опера (Teatro dell’Opera di Roma), како прв Македонец што воопшто настапил во оваа престижна оперска куќа. Од таму неговата кариера рапидно се шири низ целиот свет, настапувајќи во најпрестижните театри низ целиот свет како «Сан Карло» во Неапол, «Реџо» во Парма, Операта во Каљари, «Верди» во Трст, «Карло Феличе» во Џенова, Театарот Масимо во Палермо, Белини во Катанија, Операта во Сасари, Цирих Опернхаус, Баварската Државна Опера од Минхен, Операта во Франкфурт, Државната Опера во Штутгарт, Кралската Опера „Ла Моне“ во Брисел, Канадската Опера во Торонто, Операта во Сиетл, Националната Опера во Прага, Операта во Лимож, Гран Театарот во Екс Ан Прованс, Театарот Бунка Каикан во Токио, Сантори Хол во Токио, Рјутопиа Центарот во Ниигата, Национална Опера во Варшава, Градскиот Театар во Клагенфурт, Националната Моравска Опера во Острава, како и Фестивалите во Салцбург, Мишколц и Халвил.
Нацоски има снимено неколку ДВД, и тоа Сонот на Скипион за Дојче Грамофон и Аријадна на Наксос за ТДК и ЦД на Лучија од Ламермур за Динамик, Ромео и Јулија заедно со Андреа Бочели за ДЕККА, Зенобија во Палмира за Бонџовани и Те Деум од Флавио Колусо за МР Класикс. На 27ми јануари излезе и ДВД и Блу-Реј од претставата Турандот од Миланска Скала повторно за ДЕККА.
Во 2008 е прогласен за „Амбасадор на македонската култура во Италија“, а во 2016 година доби и признание „Човек на годината“ од весникот Нова Македонија.
Следните настапи вклучуваат Адријана Лекуврер во Катанија, Норма во Џенова, Турандот во Бари, турнеја во Јапонија, концерти во Мантова и Удине итн.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.