Тајните интриги во бизнисот, криминалот, високата политика претставени низ призмата на две семејства и конфликтот стар 45 години. Едно убиство, голема мистерија и многу тајни… Вака звучи најавата за првата македонска криминалистичка серија „Бистра вода“, чие премиерно прикажување е најавено за крајот на февруари.

За деталите од снимањето, креирањето на ликовите Арсен и Ѓорѓи, љубовта кон работата, соработката со колегите, но и мистеријата која провејува низ сценариото кое Јани Бојаџи почнал да го пишува пред 12 години, а актуелно е и денес, разговаравме со Роберт Вељановски и Петар Маниќ, кои се дел од актерската екипа на серијата.

 

Ве радува ли што почнавте да работите серии?

Роберт Вељановски: Суштината е дека, по подолго време, имам чест да говорам за убави нешта што се случуваат. Се разбира дека ме радува моментот што во Македонија се случува една нова серија. Серија која се случки од животот,  во некаква смисла, нешто што го живееме четириесеттина години. Едноставно серијата ќе не соочи со некои нешта, кои што сите ги знаеме, сите ги гледаме, сите ги живееме, но едноставно или ги премолчуваме или поминуваме покрај нив како да не постојат. Се разбира за поздравување е секоја нова серија која ќе се снима во Македонија, затоа што нашето искуство говори дека на почетокот на деведесеттите години, некаде до 2005 година имавме некакви обиди за серии, од „Бубмарот на крајот од градот“ до „Салон хармони“ и потоа имаше еден огромен празен период каде што всушност таков вид на продукција не функционираше во републиката, за пред пет, шест, седум години да се појави еден сосема поинаков тип на такви продукции, кои што беа поддржувани од агенции и служеа само за едно нешто- да се срушат влади, за жал. Сега доаѓаме до ситуации во државата каде никој не размислува за тоа и се случува некои луѓе кои се дрзнуваат да посегнат и да направат серија која според моите информации ќе има 18 епизоди во првата сезона. Искрено се надевам дека ќе има и втора и трета сезона и ќе обработува прашања од нашето секојдневно живеење.

Факт е дека недостига домашна продукција во Македонија. Зошто не се обрнува повеќе внимание на тоа прашање?

 

Роберт Вељановски: Веројатно повеќеслојни се проблемите, но суштината е дека никој не сака да финансира такви продукти. Ние сме мал пазар, генерално, но тоа не значи дека и како извозна компонента не може да се продуцираат такви серии. Некој одлучува, да речеме, оние кои раководат со телевизиите, дека многу е поевтино да увезат производ, тој да го обработат на некаков начин и потоа да го презентираат на својата програма. Јас работам синхронизации, едноставно тоа се работи од кои живееме и нема ништо спорно во тоа, но ценам дека секој производ што е македонски на нашиот пазар ќе има поголема вредност од се што е увезено. Без разлика дали серијата е турска, венецуелска, шпанска, американска, апсолутно нема никаква разлика. Доколку не е македонска- имаме проблем и едноставно се надевам дека овој обид ќе предизвика една реакција и кај останатите телевизии кои објективно ценам дека се во можност да поддржат такви проекти, да тргнат во една авантура во која што ќе понудат и поинакви аспекти, поинакви читања на нештата што ги живееме. Оттука сметам дека оваа „Бистра вода“ е многу важен момент за телевизиската продукција во Македонија и се надевам дека нема да запре на овој обид.

Петар, ова е твое трето искуство пред камерите.  Како помина снимањето на серијата?

 

Петар Маниќ: Ова е мое трето искуство пред камера, но без оглед кое и да ми е по ред јас цело време ќе бидам возбуден затоа што создаваме нешто што не постои, што е замислено, што е напишано на хартија. Со режисерот на серијата, Јани Бојаџи многу добро соработувавме, на сетот имаше одлична атмосфера. Ми се допадна начинот на кој работи Јани, она што сака да го прикаже, се насетува дека веќе му е смислено и оттука снимањето на „Бистра вода“ дефинитивно ќе го ставам во едно од подобрите искуства пред камера.

 

Неодамна беше дел од актерската екипа на филмот „Стела“. Кога би направил споредба, потешко е да се работи на филм или на серија?

 

Петар Маниќ: И двата ангажмани се во суштина со цел да направиме еден продукт. Станува збор за снимање со денови, со по неколку часови снимање и не е лесна работа. Јас се уште не гледам на тоа како работа и многу сум среќен поради тоа бидејќи уживам додека глумам. Ако баш морам да одберам, во оваа ситуација снимање на серија е многу поразлично од снимање на филм и мислам дека работата на филм е потешка.

фото: Фејсбук

Роберт Вељановски: Како што ќе одминува времето ќе сфаќаш дека оваа работа е работа во која што се содржи задоволството, така што ако не се содржи задоволството работата ќе биде многу тегобна. Во насока на улогата на Петар во серијата, би се навратил на Вашата најава дека станува збор за конфликт меѓу две семејства: антагонисти и протагонисти, но Петар во серијата е дел од едно трето семејство кое всушност ги живее проблемите што ги создаваат овие две семејства. Но, од друга страна е еден антипод за некакви вредности што ние ги губиме како општество, а и како човештво ако сакате, така што мислам дека тој дел од приказната е исклучително важен во целата констелација на оваа наша „Бистра вода“.

 

Лајтмотив за серијата е народната песна „Бистра вода“, која со текот на годините имала повеќе модификации, но основата останала иста, а тоа е дека ја пејат жени. И приказната во серијата е поврзана со жените. Кога го видовте сценариото прв пат што Ве привлече да ја прифатите улогата?

 

Роберт Вељановски: Песната „Бистра вода“ е лајтмотив и нешто што не поврзува со нашите најдлабоки корени. Имав можност да прочитам неколку верзии од сценариото, затоа што целата приказна не одеше од прва, го работеше Јани и чинам дека и Александар Русјаков има удел во разработката на сценариото. Сценариото не е некаков акционен трилер со примеси на драма која што ни се случува, туку има и една длабока позадинска мистичност, која на крајот на краиштата, во светската кинематографија и продукција на вакви серии е многу актуелна во моментот и таа говори не само за она што ни се случува, туку и за се она што ние вештачки се обидуваме да го абортираме и да го тргнеме од нас како да не се случувало никогаш. И таа „Бистра вода“ која што ја пејат секогаш жени, за мене е само еден знак, една назнака, една семантика ако сакате, која покажува еден свет во кој што жените ги носат тајните на нашето постоење, мажите се некои кои тука имаат поинакви функции.

Сигурно познавате некој како Арсен… Тој е макијавелистички тип кој е спремен да згази се пред себе за да ја погоди својата цел. Ќе успее ли во намерите или на крајот сепак ќе биде само обична играчка во сопствената „игра“?

Петар, што тебе те привлече да ја прифатиш улогата кога го прочита сценариото? Како го градеше ликот? Имаше ли некој модел според кој се подготвуваше за улогата?

 

Петар Маниќ: Многу ми се допаѓаат текстови и ликови со приказна, кога знам дека ликот доаѓа од некаде, има некое посебно минато. Кога прв пат го прочитав сценариото се воодушевив, бидејќи навистина не го очекував тоа што го содржеше приказната, не го замислив на тој начин, но веднаш почнав да работам на ликот. Поттик за мене, за ликот на Ѓорѓи, кој го толкувам во серијата беше љубовта и среќата која е прикажана во таа фамилија, без разлика на тоа колку се сиромашни. Ѓорѓи е дете кое е многу чувствително и сака да се покаже кога смета дека има некој поттик за докажување. Она што многу ми се допадна е тоа што без оглед на финансиските околности, семејството е исполнето со среќа и љубов.

Ѓорѓи е обично момче, со големи соништа. Доаѓа од чесно, но многу сиромашно семејство. Ќе им се насмевне среќата и ќе им се промени животот или се осудени да бидат на дното на „матната вода“ која ги опкружува?

Роберт Вељановски: Секое комплексно сценарио не води само една приказна, туку води повеќе приказни и интересноста на сценариото е во меѓусебните испреплетености и во нештата кои им се случуваат на оние живи луѓе кои што го живеат сценариото. Од друга страна јас во кариерата сум имал повеќе прилики во театар да говорам и да создавам театарски уметнички дела кои што говорат ако сакате ќе го цитирам мојот професор Љубиша Георгиевски за тајната на нашето потекло во смисла на неговата драма „Филоктет“. Оттука и ова сценарио во неговата мистичност провејува некакви такви, да ги наречам, идеи, или тези, кои едноставно ќе ни кажат дека не е се само црно и само бело. Тука има и различни нијанси на сиви зони кои што мораме да ги воочиме затоа што и животот не е само црн и само бел.

 

Мошне голема актерска екипа работи на серијата. Си помагавте ли едни со други? Какво беше чувството да се работи со ќерката на снимање? Вашата ќерка, Јана Вељановска е дел од актерската екипа, но и Ана и Григор Јовановски, синот и ќерката на Владо Јовановски се дел од актерскиот тим на „Бистра вода“?

 

Роберт Вељановски: Да, едно време сакаа да ја крстат серијата „Татковци и деца“, бидејќи не е случај само во актерската екипа и татко и син ја монтираат серијата (се смее). За среќа, или за жал немам ниту една сцена со ќерка ми, но една од работите кои ги промовира оваа серија се младите луѓе кои сега излегуваат на сцената. Моите информации говорат дека 75 актери се појавуваат во целата серија, дека има повеќе од 700 статисти, што зборува за една сериозно голема продукција. Важниот момент за мене е што децата, чии што татковци играат во серијата, своите улоги си ги стекнале на аудиција. Случајности се тоа, не е случајно што Јана Вељановска ми е ќерка ( се смее), но случајно е што Јана Вељановска игра во серијата затоа што исто како и јас и таа била на аудиција и во избор од пет или шест актерки се изборила да ја игра улогата што ја игра. Значи оваа серија ќе промовира една плејада на млади луѓе кои што допрва доаѓаат во македонското глумиште. Јана Вељановска, Ана Јовановска, Григор Јовановски- актери кои веќе ја имаат започнато кариерата и се веќе стабилизирани на македонска сцена и актери кои се поискусни, да речам, и целата приказна е еден спој на искуство, талент и нешто што мене особено ме радува, колку што знам во овој период од 50 снимачки денови на сетот не се случил ниту еден инцидент. Што значи дека се работи за еден висок професионализам кој што ќе вроди со еден сериозно добар резултат.

фото: Фејсбук

Петар Маниќ: Без оглед на моето претходно искуство на снимање и јас бев на аудиција за да ја добијам улогата. Мислам дека бевме шест момчиња на аудиција и заслужено си ја добив улогата без никакви „врски“. За мене атмосферата на снимање беше како во некоја бајка, немаше никакви караници и многу ми се допадна што сите беа професионални и секој си ја вршеше својата работа онака како што треба. Бидејќи сеуште сум дете и за среќа или за несреќа влегувам во овој свет, многу ми значеше што постарите актери многу ми помагаа, исто и режисерот Јани Бојаџи многу ми помагаше во дадени ситуации.

Роберт Вељановски: „Врските“ се секогаш некаков вид на компромис, а се што почнува со компромис не завршува баш добро. И оттука во еден свет на суров професионализам „врските“ едноставно не можат да бидат никаков репер. Понекогаш, за жал, тоа ќе го видите и во македонските продукции  точно се гледаат „врските“ и производот ја нема вистинската тежина што треба да ја добие само заради „врските“. Не говорам за лоби групи или афинитети на режисери, бидејќи има режисери кои си ги преферираат тие луѓе и тоа не е ништо спорно. Тој момент не го спорам, но во еден свет на суров професионализам секоја една „врска“ е проблем во квалитетот на нештата што треба да излезат како производ.

 

Петар, спомена дека за среќа или за несреќа полека се движиш во актерските води. Дали можеби овие ангажмани ќе те одведат во насока да се определиш за актерството како професија?

 

Петар Маниќ: Да, планирам да продолжам во таа насока. Сеуште не сум размислувал дали ќе учам овде или во странство, само знам дека сакам да го правам ова, бидејќи ме исполнува на секој можен начин. Имам целосна поддршка од семејството, но морам да напоменам, бидејќи ми посочи дека не го споменав, дедо ми, Томислав Маниќ, дека не се согласува со оваа моја одлука. Постојано му велам дека мене тоа ме исполнува, но тој не попушта.

фото: Фејсбук

Роберт Вељановски: Секој треба да го следи својот сон. Домашните, ова искуствено го говорам, бидејќи јас сум во таква ситуација, се должни да ги поддржат младите луѓе да ги остваруваат своите соништа. Затоа што на крајот на краиштата се поставува прашањето: „Дали живот без сон воопшто вреди да се живее?“

 

Наидов на податок дека сценариото за „Бистра бода“, Јани Бојаџи го напишал пред 12 години, но сеуште е многу актуелно…

 

Роберт Вељановски: Точно, дури е снимена и пилот епизода со една поинаква подела на улогите во тогашната констелација пред дванаесет години. За жал, ние триесет години сме во транзиција, така што целата приказна е дека ние не можеме да се извлечеме од нештата кои што биле актуелни во 1997, 1998, 2008, 2018, 2023 година. А тие прогресираат, само се мултиплицираат, но сеуште се актуелни. Точно пред 12 години е тргната целата приказна со „Бистра вода“, која тогаш имала поинаков наслов, но повторно е поврзана со вода и тоа само мене ми укажува дека тогашниот обид, тогашното сценарио, тогашната подлошка вредна е за работа и за обработка само заради актуелноста која што ја има еве веќе да речеме повеќе од 12 години, конкретно за ова сценарио.

Во таа насока да се осврнеме и на состојбите во културата. Има ли некакви поместувања сиве овие години? Како би ги коментирале состојбите?

 

Роберт Вељановски: За жал нема некакви поместувања и се што се случува не оди на подобро, оди на полошо. Сега нека не ме разберат дека јас само се обидувам да критикувам, јас говорам за состојби 30 години, не за состојби кои се во моментов актуелни. За жал во моментов се мултиплицира безидејноста и нефункционалноста на она што ние си го именуваме како култура. Чинам дека луѓето што ја практикуваат власта прават многу погрешни, да не речам погубни политики и чекори во однос на македонската култура. Јас сум заговорник на еден сосема поинаков концет во културата. Тоа е долги години, не е тоа нешто што јас се пробудив сабајле, го рационализирав и сега ќе ви го презентирам. Не. Јас сум за една култура во која компетитивноста и компетенцијата, и конкурентноста ќе бидат на едно многу повисоко ниво. За жал констатирам дека по 30 години промена на политичкиот систем во земјава од некаков социјализам во капитализам, ние за жал сеуште живееме социјалистичка култура. Ниту еден чекор, ниту едно поместување не е направено состојбите да се променат. Јас работам и со млади луѓе, како редовен професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности „Еуропа прима“, предавам глума и сценски говор со техника на глас. И кога ќе сфатите дека сонот на секој млад човек не е да го игра Хамлет, како што ние сме имале соништа, туку да се вработи во театар, веќе настануваат сериозни проблеми. Не затоа што тие не сакаат да го играат Хамлет, туку едноставно заради тоа што се обидуваат да имаат некаква финансиска сигурност, што ќе им го обезбеди животот, за потоа таа да ја преточат во некаква креативност. Капитализмот е сурова работа. Во нашата професија има едно многу сурово правило кое вели: „Кога ќе тргнеш да се запишуваш на уметничка академија, потпишуваш договор со себе и со Господ дека си келнер, дека си таксист, дека си молер, дека си кувар. Дали ќе станеш актер, дали ќе станеш сликар е нешто сосема друго, но приказната тргнува од таму. Треба да бидеш подготвен дека до моментот додека ја чекаш својата шанса, ако ја дочекаш, треба да бидеш подготвен да преживееш. На пример, во Лондон во моментов има помеѓу 12.000-14.000 глумци, од нив 1.500-2.000 работат. Сите останати редовно одат на аудици и ги работат сите останати работи. Затоа важи тоа правило, и во Холивуд и во сите сериозни продукции, дека кога ќе видите актер постар од 45-50 години на филм бидете сигурни дека тој е успешен и реализиран актер, затоа што својата кариера успеал да ја продолжи и после 40-тата година. Односно доколку не успееш до 40-45 години да направиш некаква кариера, тогаш заминуваш во некаква друга професија. Јас како заговорник на овие тези тврдам дека ние мораме да направиме еден сосема понаков концепт на култура во нашата држава. Концепт во кој што прво политиката ќе мора да ги тргне рацете од културата, концепт во кој Министерството за култура и министерот ќе бидат развластени, а секоја дејност од културата ќе им биде дадена на професионалци да ја раководат. Бидејќи, не постои професионалец во светот кој може да ги разбира сите сегменти во културата, она што ние го именуваме како култура- од сликарство, преку археологија , преку издаваштво, до не знам што. За жал, никој нема политичка храброст да ги преземе тие чекори, па се соочуваме со разноразни експерименти. Еве во последниве пет години имаме пет министри за култура, што е трагедија поголема дури и од онаа на Ифигенија. Во тие некои први од овие пет години, во некои први состави на Министерството за култура, се обидувале Министерството да функционира како невладина организација што е апсолутно вон контекст на нешата. Има простор за работа и убеден сум дека моиве тези ќе дадат свој  придонес целата приказна да тргне во насока каде компетитивноста, конкурентноста, знаењето, вредноста ќе испливаат на површина, а сето останато ќе си заврши таму каде што ќе си заврши.

Целиот разговор слушнете го во видеоинтервјуто кое го водеше Невена Поповска

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.