Денеска почина еден од најголемите актери во регионот. Жарко Лаушевиќ имаше 63 години и богата и долга кариера која траеше повеќе од 40 години. Сними многу филмови и серии. Пишуваше и книги и сликаше. Сите книги кои тој ги напиша се продадоа во големи тиражи.

Црногорскиот актер огромната популарност ја стекна во серијата „Сиви дом“ и филмот „Шмекер“, кои беа снимени во истата година, 1986. Уште во време на поранешната Југославија, во 1987 година ги доби двете најголеми актерски награди, за улогата во филмот „Офицер со роза“, пулската „Златна Арена“ и наградата Цар Константин во Ниш.  Меѓу бројните награди, Лаушевиќ ја доби и „Зоран Радмиловиќ“ за улогата во „Кањош Македоновиќ“ (1989) и Стериината награда за насловната улога во претставата „Свети Сава“ (1990).

Пред 30 години имаше успешна и богата кариера, а последната улога пред големата раскрсница во неговиот живот беше во фимот „Подобро од бекство“, која го круниса како водечки актер на неговата генерација.

Во врвот на кариерата доживеа трагичен настан кој сосема го смени текот на неговиот живот.

Лаушевиќ беше осуден за двојно убиство кое се случи во 1993 година. Првпат ја посети Србија по пауза од 20 години, во 2014 година. Трагедијата се случи на 31 јули 1993 година, кога Жарко и неговиот постар брат Бранимир ги нападна една група насилници. Жарко, бранејќи се себе и брата си, пукал во двајцата, а едниот беше тешко ранет. Беше осуден на 15 години затвор, а кога тогашниот Сојузен суд ја укина пресудата, Лаушевиќ повторно беше изведен на суд во февруари 1998 година и осуден на четири години затвор.

Бидејќи уште пред да му биде изречена пресудата, одлежа четири и пол години и беше пуштен на слобода. Потоа ја напушти земјата и се пресели во Њујорк каде што работел како физички работник. Местел паркет, бил молер, ѕидар, а во меѓувреме сликал. Кога се врати, првата улога му беше во филмот „Нож“ и повторно го покажа сиот раскошен талент. Во последните неколку години беше номиниран и наградуван за улогите во тв-сериите „Корени“, „Калкански кругови“ и за филмот „Смрдлива бајка“.

Во октомври 2017 година беше гостин на Фестивалот на дебитантски филм „Киненова“, кој му додели Специјалното признание за особен придонес во филмската уметност.

Му благодарам на фестивалот за наградата. За мене е голема чест. Мојата кариера на некој начин е одбележана со работа со дебитанти – рече Лаушевиќ на прес-конфренцијата пред шест години.

Не заборави да спомене дека неговата сопруга e по потекло од Македонија и дека кај него дома се говори македонски јазик. Од Македонија има само убави спомени.

Македонија секогаш ми буди носталгични чувства. Во 1987 година во селото Горно Количани снимавме филм со Ксенија Пајчин, Мира Фурлан, Мирјана Јоковиќ..Тоа беше живописно место, каде што куќите беа изработени од кал. Не знам денес како е. Ама во тоа време ептен беше филмско место. Филмот беше југословенско-аргетинска копродукција – раскажуваше Лаушевиќ.

Се потсети дека во 1999 година од Скопје заминал за Америка.

Во 1993 година бев уапасен и тогаш почна одисејата со таа несреќа. Кога излегував од затвор после пет годни, ми ги вратија сите работи кои ги имав во себе ноќта кога бев уапсен. Меѓу другите, беше и сценариото за филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски. Тогаш бевме во некои преговори за филмот. Потоа Раде Шербеџија оствари сјајна улога во тој филм – откри меѓудругото Лаушевиќ, еден од најголемите актерски имиња во поранешна Југославија.

– Скопје беше моја последна станица. Последната ноќ пред да заминам бев тука и денес првпат доаѓам после толку години. Уште не го разгледав градот, бидејќи од аеродром дојдов директно на прес-конфернецијата. Ми претставува огромна чест што по толку години сум во Македонија и тоа за еден ваков повод како што е фестивалот. Она по што се сеќавам на вашата земја е пријателството и прекрасната соработка со Слободан Унковски, Владимир Милчин, и со многу други драги колеги, кои некои од нив, за жал, не се повеќе меѓу живите. Но, она што секогаш ќе ми остане во сеќавање е вашето гостопримство и прекрасните моменти поминати овде. Поводот за кој сум дојден ми причинува огромна чест. Наградите годат и ме потсеќаат на обврската дека уметноста мора да трае – рече Лаушевиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.