Во рамките на проектот на битолската библиотека насловен: „Регионална смотра на хортикултурни библиотеки“ вчера во посета на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид беа дел од учесниците на смотрата од Србија, Хрватска, Босна, Албанија и Црна Гора.
Претходно во Битола два дена тие имаа прилика да разменат искуства, како и да осмислат понатамошни активности со кои ќе ги унапредат програмите на библиотеките и ќе овозможат ширење на хортикултурната библиотечна мрежа.
Библиотека „Св. Климент Охридски“ од Битола од 2017 г. активно учествува во промоцијата на хортикултурни библиотеки и со задоволство ја прифати поканата на иницијаторот Мирко С. Марковиќ, библиотекар советник и управител на регионалната мрежа, за организација на Регионалната смотра на хортикултурни библиотеки, рече координатор на проектот и програмски раководител на НУУБ „Св. Климент Охридски“ м-р Јелена Петровска.
Цветна приказна на библиотеките во регионот ќе продолжи ако заедно ги промовираме новите концепти и услуги на библиотеките во средини каде што библиотеките се препознаени како активен учесник во заедницата.
Библиотеките во нашата држава со својата местоположба можат да го развиваат овој нов библиотечен концепт и да им ги понудат новите содржини на своите корисници, рече м-р Петровска и најави дека идеја е догодина во овој проект активно да се вклучат и повеќе библиотеки од државава, меѓу кои и библиотеката од Охрид , за што таа најави и начелна поддршка од Министерството за култура.
Директор на охридската библиотека м-р Милчо Јовановски гостите ги прими во Прличевата одаја местото во кое со години се одржуваат настани и разни промоции и накусо ги запозна со историјатот на установата и животот и делото на патронот Прличев. Тој ги покани сите учесници на средбата да ги споделат искуствата со вработените во библиотеката од Охрид, за тие да можат да ја разберат суштината на хортикултурните библиотеки. Тој изрази желба за продлабочување на контактите со библиотеките во регионот и вклучување на охридската библиотека во меѓународни проекти.
Пред присутните обраќање имаше и„таткото“ – креатор на овој високо инвентивен проект Мирко С. Марковиќ од Белград – Србија.
Концептот се состои во запознавање, користење и практична апликација на знаења и литература од областа на ботаника, како и промовирање на литература од истата област, со што библиотекарите го унапредуваат квалитетот на своите услуги преку поголемо користење на фондовите на библиотеките и обликување на позитивна свест за уредување на работни и животни простори, и креирање на нови библиотечни програми, рече Марковиќ и додаде:
Покрај размената на информации и искуства, хортикултурна мрежа на библиотеки од целиот регион ќе биде еден вид „огласна табла“ и „временски распоред“ на редовни и повремени настани На тој начин библиотеките стануваат своевиден посредник во изградба на современото и еколошко живеење, овозможувајќи го побрзиот пристап до активности со хортикултурна нота врзани со хортикултурни содржини и промовирање на здрава средина за живеење.
Како чин на ново пријателство на сите гости охридската библиотека им подари книги од сопствената продукција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.