По повод Светскиот ден на театарот кој се одбележува на 27 март, во организација на Македонскиот центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА беше отворен повик до сите членови на театарската заедница во Македонија за креирање на македонската театарска порака за 2022 година.

Официјален победник во изборот на театарска порака од Македонија е д-р Ана Стојаноска, театролог, писател и професор на Факултетот за драмски уметности при УКИМ – Скопје.

Живееме предизвик од време, живееме изместено и од координатите на општото
добро, но и од координатите на личните достигнувања. Не само пандемијата туку и
промените во светот, животот, дома, придонесе и на театарот да му се измести комоцијата. Како и секогаш, кога имало вакви разбурботени времиња, театарот се обидувал да се снајде. Театарот е пиреј. Преживува и преживеал сѐ. Не само болести, војни, уништувања, туку и печатот, радиото, телевизијата, видеото, дури и интернетот. Театарот ја носи во себе интимната човекова доблест – да се снајде!

 

Ана Стојаноска дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Постдипломските студии по театрологија ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала и докторирала. Работела како координатор во Институтот за театрологија при ФДУ. Активно се занимава со истражување и проучување на драмата и театарот. Специјализирала театарска музеологија. Авторка е на романот „Ние“, „Лебед“ кој влезе во потесниот круг за наградата „Роман на годината“ годинава; драмата „Трогледало“ која беше објавена во изборот на ЕУРОДРАМ како нова македонска драма, збирката поезија „Трепетлика“ за која ја доби наградата Антево перо за 2020 и многу други. Од 2019 година, таа е членка на Друштвото на писателите на Македонија. Таа пишува континуирано и постојано, не сакајќи да се „вкалапува“ во ниту еден жанр (научен или книжевен), затоа пишува и проза и поезија и драмски текстови.

Автор на светската театарска порака за оваа година е Питер Селарс, режисер на театарски претстави и опери и програмски директор на фестивали од Пенсилванија, САД.

Додека светот во секоја минута и час, виси зависен од храната на дневните медиумски
репортажи, смеам ли да ве поканам, како креатор, да влеземе во, за нас соодветниот
простор и перспектива на епско време, епска промена, епска свесност и епска визија? Ние
живееме во епски период и човечка историја, со длабоки и последични промени во кои
ги искусуваме меѓусебните релациите типични за човечките суштества; и оние, кон
нечовечките светови кои се над нашите способности да ги досегнеме, да ги артикулираме,
да зборуваме за нив и да ги изразиме.
Ние не живееме во 24 часовниот циклус на вестите, ние живееме на работ на времето.
Весниците и медиумите се целосно не екипирани и неспособни да се справат со она што
ние го доживуваме.
Каде е јазикот, што се движењата и што се сликите кои можат да ни овозможат да ги
разбереме длабоките преминувања и вознемирувања кои ги доживуваме? И како можеме
да ги премостиме содржините на нашите животи, токму сега, но не како репортажи туку
како доживувања?
Театарот е уметничка форма на доживување.
Во светот преоптеретен од празни пресс кампањи, симулирани искуства, одвратни
прогнозирања, како да се издигнеме над бесконечното повторување на броеви за да го
искусиме квалитетот и едноставноста на животот, суштината на екосистемот,
пријателството, квалитетот на светлината на чудното небо? Две години КОВИД-19, кој ги отапе сетилата на луѓето, го ограничи животот на луѓето, ги скрши врските, и не постави на чудна нулта точка во човечкиот хабитат.
Кои семиња се потребни да се посадат и повторно насадат во овие години, и што е
надраснувањето на инвазивните видови кои потребно е конечно и засекогаш да се
отстранат? Толку многу луѓе се на работ. Толку многу насилство проникнува,
ирационално или неочекувано. Толку многу етаблирани системи се покажаа како
структури на перпетуална суровост.

Каде се нашите церемонии на сеќавањето? Што ни е потребно за да запамтиме? Кои се
ритуалите кои ни овозможуваат конечно и повторно да ги замислиме истите, и да
почнеме да ги вежбаме чекорите кои никогаш претходно не сме ги направиле?
Театарот на епската визија, цел, обнова, исцелување и грижа има потреба од нови
ритуали. Нам не ни треба да не забавуваат. Нам ни треба да се собереме. Ни треба да
споделиме простор, и ни треба да го култивираме споделениот простор. Нам ни требаат
заштитени простори за длабоко слушање и балансирање.
Театарот е креација на земјата, простор на баланс помеѓу луѓето, боговите, растенијата,
животните, капките дожд, солзите и регенерацијата. Просторот на еднаквоста и
длабокото слушање е осветлено од скриената убавина, која се одржува жива во длабока
интеракција со опасноста, балансот, мудроста, активноста и трпението.
Цветот на орнаментираната Сутра на Буда содржи десет видови на големото трпение
во животот на човекот. Една од најмоќните се нарекува Стрпливост и Перцепирање на
Се’ како чудо. Театарот отсекогаш го претставувал животот на овој свет како чудо,
овозможувајќи ни да прогледаме низ човечката илузија, дезилузија, слепило, и
одрекување со ослободувачка јасност и сила.
Ние сме толку сигурни во тоа што го гледаме и на начинот на кој го гледаме тоа, така што
не сме способни да видиме и почувствуваме поинакви реалности, нови можности,
различни пристапи, невидливи поврзувања и безвременски конекции.
Ова е време за длабоко освежување на нашите умови, сетила, нашата имагинација,
нашите истории и нашите иднини. Оваа работа не може да ја направат изолирани луѓе
кои работат сами. Оваа работа треба да ја направиме заедно. Театарот е покана да ја
направиме оваа работа заедно.
Длабоко Ви благодарам за Вашата работа, ќе напише во својата порака, Селарс.

Пораката на Селарс прочитана на македонски од страна на актерката Симона Димковска во превод на режисерката и професорка која при изборот на македонската порака беше програмски продуцент од ИТИ/ПРОДУКЦИЈА, д-р Иванка Апостолова Баскар.

Питер Селарс се занимава со режирање на опера, театар и фестивали. Досега се здобил со меѓународно признание за неговите револуционерни и трансформативни интерпретации на класиците; интерпретирањето на 20-тиот век и современата музика и колаборативните проекти со извонреден опсег на креативни и изведувачки уметници. Неговото дело ја осветлува моќта на уметноста како средство за морално изразување и општествено дејствување.

Тој има поставувано опери и театарски претстави на најразлични светски сцени и локации. Како што се вели во неговата биографија, тој е исклучително продуктивна и инспиративна фигура од светската сцена. Добитник е на стипендијата „MacArthur Fellowship“, наградата „Erasmus Prize“ за придонес во европската култура, наградата „Gish Prize“ и член е на Американската академија за уметности и науки. Селарс е добитник и на престижната награда за музика „Polar Music Prize“ и прогласен е за уметник на годината од Musical America.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.