На 15.септември (четврток) во Македонската Опера и балет ќе се одржи голем концерт насловен како „Славејот од Галичник“ на ансамблот Танец и пријателите во чест на големиот Александар Сариевски, по повод 100-годишнината од неговото раѓање.

Овој вокално-инструментален спектакл во чест на неповторливиот глас на македонската народна песна, на сцената ќе ја обедини македонската изведувачка елита – Сузана Спасовска, Наум Петрески, Благоја Грујовски, Зуица Лазова, Кирил Митоски, Далибор Ѓошиќ, Влатко Стефановски, кои заедно со хорот и оркестарот на Танец ќе ги оживеат македонските бисери „Абер дојде, Донке“, „Учи ме мајко, карај ме“, „Филизој моме“, „Нарочува бело Менде, порочува“, „Зајди, зајди јасно сонце“, „Саноќ ми булбул пропеа“, „Сулејман седит на кула“, „Те кажувает, бре, Илиној моме“, „Нит прела гора, нит ткала“, „Ор, невесто, Стојанице“, „Седна баба да вечера една еребица„, „Дејгиди, луди, млади години“, „Сношти го видов убавото Стојне“ и многу други.

Александар Сариевски е инспирација за многу генерации. Со својот уметнички профил и богат авторски и изведувачки опус го вгнезди своето име во севкупната македонска културна историја и претставува една од најмаркантните фигури на македонската народна музика.

За време на своето шестдецениско уметничко творење, Александар Сариевски зад себе остави над четиристотини трајни звучни записи за продукцијата на Македонската Радио и Телевизија, но и за други познати дискографски куќи, легат што вечно ќе потсетуваат на личноста, која даде огромен придонес во негувањето и афирмирањето на македонската народна песна кај нас и насекаде во светот.

Александар Сариевски е исто така и еден од основачите на ансамблот „Танец“, дел од неговата прва генерација и знаменит тапанџија на „Тешкото“. Со „Танец“ тој патувал насекаде низ светот, ширејќи го автентичниот македонски фолклор, а заедно со целокупниот музички опус, недвосмислено претставува еден важен дел од македонското културно наследство.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.