Македонскиот филм „Преекспонирано“ на Елеонора Венинова доби специјална награда на фестивалот „КинЕст Фест“ во Катанија, Италија.

Меѓународното жири на фестивалот го пофали филмот како „интелигентна и актуелна камерна претстава“, додавајќи дека ја доделиле специјалната награда поради „режисерското мајсторство на држење на тензијата во куќата помеѓу тројцата карактери“.

Ова е трето издание на фестивалот „КинЕст Фест“, кој го организира фондацијата „Долина Миру“ и е посветена на прославување на кинематографијата на источна и централна Европа. Фестивалот се одржува во сицилијанскиот град Катанија и трае речиси цел месец.

Светската премиера на филмот „Преекспонирано“ се случи на А фестивал во официјална конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал во Каиро, кој се одржа од 13 до 22 ноември, минатата година. Азиската премиера, пак, се одржа на Меѓународниот филмски фестивал во Пуне, Индија од 2 до 9 февруари оваа година. Филмот се прикажа и на фестивалот „Евроазја“ во Варшава, а имаше и успешна домашна турнеја.

„Преекспонирано“ сѐ уште се наоѓа на репертоар на киното Милениум во Скопје.
Улогите ги толкуваат: Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климоска, Марјан Наумов Кинематографер: Лев Предан Коварски, музика: Линдзи Рајт, сценографија Срѓан Митровиќ, сценарио: Елеонора Венинова, монтажер: Гоце Кралевски, костими: Жаклина Крстевска, монтажер за звук: Дарко Спасовски, режија Елеонора Венинова, продуцент Гоце Кралевски (ДНФ ФИЛМС), ко-продуцент Мирјана Томиќ (ЛИЛИТ-Србија). Филмот е поддржан од Агенција за Филм, Српски Филмски Центар и Еуримаж.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.