Со концерт на Факултетот за музичка уметност „Вруток“ во фоајето на Националната опера и балет (НОБ), утре официјално ќе биде отворено „Скопско лето 2023“. Фестивалот почнува на првиот ден на летото и на Светскиот ден на музиката, а Дирекцијата за култура и уметност на Скопје сè уште не знае дали годинава ќе добие пари и дали градоначалничката Данела Арсовска ќе го отвори. Директорот на Дирекцијата, Никола Глигоров, рече дека „Скопско лето“ годинава го организираат со 800 илјади денари од Министерството за култура и дека лани не добиле пари од Градот за манифестацијата која годинава се одржува по 44. пат и го носи името на градот.

Годинава „Скопско лето“ го реализираме со 800 илјади денари од Министерството за култура и сè уште очекуваме да се објави програмата на Градот Скопје за културата. Минатата година не добивме пари за „Скопско лето“. Се надеваме дека иако резултатите доцнат оваа година, ќе биде поинаку и ќе ни даде простор и за вклучување на други вонредни програми кои се веќе во најава, изјави Глигоров на денешната прес-конференција.

Претставникот на Факултетот за музичка уметност, Љубиша Кировски, потенцираше оти насловот на концертот „Вруток“ кажува дека се работи за извор, младешка енергија, нешто што е двигател во нашата средина.

Како што најави на прес-конференција Глигоров, со „Скопско лето“ оваа година даваат малку повеќе простор на младите. Програмата, како што рече, е составена да одговара на сечиј вкус и за сите возрасти.

Скопје останува отворен град за културата, за културниот натпревар меѓу народите. Ќе имаме гости од соседните држави, пред се од Србија и Грција, но и од Австрија, Италија, Израел, Словенија, Грузија и САД. Имаме две детски театарски претстави од Театарот за деца и младинци, ќе има неколку фотографски изложби, но и изложба на фотографии посветена на короната која ја живеевме две години. Ќе имаме промоции на книги, концерти на класична музика, рече Глигоров.

Како што посочи, на 28 јуни ќе се одржи концертна промоција на албумот „Вида“ на MIYATTA, а на 30 јуни во фоајето на НОБ ќе има модна ревија – омаж на Тјери Муглер „Ангел на ексцентричноста“. Ревија е на студентите на институтот „Изет Цури“, според инспирација од моделите на дизајнерот Тјери Муглер.

Во рамките на „Скопско лето“, меѓудругото, на 30 јуни во Кинотека ќе биде отворена изложба на фотографии на Џон Илија Апелгрен „Забранети луѓе“.

На 3 јули пак, во продукција на Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ), во просториите на КИЦ, Француски институт Скопје, галерија „Грал“, Дебар маало на локација на куќата каде живеел Ацо Шопов и градска кафеана „Пелистер“ ќе биде отворен проектот посветен на 60 години од скопскиот земјотрес и сто години од раѓањето на Ацо Шопов.

На 10 јули, во ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ ќе биде отворена изложба на дигитални слики на Игор Поп Трајков „Особеност“, а на 13 јули на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан, ќе се одржи мултимедијален проект „Вечер на мултикултуноста на Црно Гора“.

Како што најави Глигоров, „Скопското лето“ ќе заврши со гостите од Словенија, односно со концерт на ансамблот „Camerata Academica“, што ќе се одржи на 31 јули, во Музејот на македонската борба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.