Во знак на 60-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес, во Централна Пошта Скопје денеска ќе биде отворена архитектонска изложба. Изложбата произлезе од конкурсот „Скопје на новата генерација“, организирана од страна на Јуроп Хаус Скопје.

Како што соопштуваат организаторите, поставката официјално ќе биде отворена во 18:30 часот од страна на шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, амбасадорот Дејвид Гир, кој воедно ќе ги прогласи и победниците на конкурсот. Овој настан ќе служи како платформа за визијата и развојот на градот, креирана од новата генерација архитекти и урбанисти.

Фазата на пријавување доведе до одлични иновативни архитектонски предлози, каде што секој од предлозите претставува можност за скок кон поинклузивен и ревитализиран град, како и за модернизација на Скопје, велат организаторите.

Тие додаваат дека се возбудени од квалитетот и креативноста на младите архитекти, а визијата што ја добиле од предлозите е инспиративна и дава надеж за иднината на градот.

Главниот настан ќе биде од отворен карактер и ќе се случува во шалтерската сала на Пошта – Скопје. Сите што ќе го пропуштат главниот настан, ќе имаат можност да ја посетат изложбата и во следните три дена, поточно од 14 до 16 ноември, во периодот од 12 до 15 часот.

Со настанот симболично ќе биде прославен 13 Ноември – Денот на градот, но и четвртиот роденден на Јуроп Хаус Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.