Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими добитничката на наградата „Роман на годината“ за 2021 година, Симона Јованоска, авторка на романот „Денот на црвот“.

Претседателот упати честитки до наградената авторка посакувајќи ѝ понатамошни успеси и уште многу престижни награди за нејзиното творештво. Тој изрази признание и почит за сите автори кои со своето творештво го збогатуваат домашниот литературен опус.

На средбата, претседателот посочи дека уметниците не творат за награди, но тие неминовно придонесуваат за афирмација на нашите автори и промоција на нашата книжевност и јазик, додавајќи дека поддршката на младите автори е особено важна за поттикнување и развој на нивната работа.

Дебитантскиот роман на Симона Јованоска, „Денот на црвот“, беше награден во конкуренција од 39 романи, а наградата традиционално ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.  Оваа награда досега е доделена 23 пати и е наменета за роман кој во тековната година е објавен на македонски јазик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.