Министерството за култура, преку надлежните заводи и музеи, започна со реконструкција и санација на сите споменици и спомен-обележја од Народно-ослободителната борба, на личности кои дале придонес во борбата против фашизмот и ослободувањето на нашата држава и на настани коишто се случиле во НОБ и се сведоштво за непокорот и борбата за слобода. Како проект на Владата, предвиден со Буџетот за оваа година, иако согласно Законот за меморијални споменици и спомен-обележја се надлежни општините, односно Градот Скопје, Владата го задолжи Министерството за култура во соработка со надлежните да се реконструираат сите овие споменици и спомен-обележја кои се силен белег на македонската државност и историја.
Во моментов, Завод и музеј-Штип, со средства од Министерството за култура, го санираше искучително значајното дело Меморијален комплекс на паднатите борци на револуцијата, кој е поставен на источната страна на археолошкиот локалитет „Исар“.
Станува збор за архитектонско-скулптурално дело од архитектот Богдан Богдановски, еден од најпознатите архитекти на дваесеттиот век, кој оставил силен печат на уметничкото и архитектонското наследство на некогашна Југославија.
Делото на Богдановиќ (роден 20 август 1922 година во Белград, починал 18 јуни 2010 во Виена) било избрано на конкурс со цел да се одбележи сеќавањето на загинатите партизански војници и цивили во Штип и Штипско за време на Втората светска војна, како чин на комеморација.
За завршувањето на споменичкиот комплекс во Штип на авторот му биле потребни пет години, а неговата свечена инагурација се извршила на денот на ослободувањето на Штип, 8 ноември 1974 година.
Екипите од штипскиот музеј во изминатиот период ги отстранија нечистотиите, вегетацијата, бројните графити на сите делови од комплексот со што се сочуваа изворните, историските, урбанистичко-архитектонските и естетските вредности на делото и се овозможи негово користење за туристички, културни и други активности.
Во овој меморијален комплекс подигнат во чест на паднатите борци во Народно-ослободителната војна, се одбележуваат неколку датуми со учество на делегации, учесници во војната и граѓани, со положување на свежо цвеќе и комеморација. На комплексот се одбележуваат: 11 Октомври, денот на почетокот на народното востание во Македонија, 8 Ноември, денот на ослободувањето на градот Штип и 23 Октомври, денот на македонската револуционерна борба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.