На 21 ноември, вторник, во 20 часот во КСП Центар Јадро ќе биде отворена самостојната изложба на Тања Миљовска, „Вечно женско“.

Насловот „Вечно женско“ го позајмив од филозофијата на Владимир Соловјев. Малевич до својот креативен принцип духовна возбуда стигна наследувајќи го мистичниот амбиент на вечното женско – симболот на убавината и мудроста Софија – што зрачел од филозофијата на Соловјeв. Сликарите, поетите и филозофите симболисти, во своите азурно-сини контемплации, проникнаа до повисоките нивоа на интуицијата, а возбудата се ослободи како резултат на кршење на табуата на патријархатот (кубофутористите потоа раскинаа со традицијата на симболистите, но тоа е друга тема)!, вели Миљовска.

Мојот стремеж е вечното женско, коешто се манифестира како мудрост, духовна сила, хармонија и перфекција, да заблеска, за да овозможи пробив во неизмерните пространства на Интуицијата. Интуицијата е нашата повисока и подлабока свест…, додава Миљовска.

Сите серии на слики од оваа поставка се изработени во периодот од 2014 до 2015 година.

Татјана Миљовска е родена на 3 ноември 1966 година во Битола. Во 1992 г. дипломирала, а во 2011 година магистрирала (со темата Возвишена убавина) на Факултетот за ликовни уметности, при универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, на отсекот сликарство. Во ноември 2020 година ја одбрани докторската дисертација со наслов Ревитализација на духовното во апстрактното сликарство на Културолошките студии при Институтот за македонска литература (ИМЛ при УКИМ).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.