По Филозофскиот филмски фестивал кој е во тек, од 10 јуни во Кинотеката на Македонија почнува Недела на јапонски филм, а потоа следуваат и бројни филмски наслови до крајот на месецот.

16 ЈУНИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

21 ЈУНИ (САБОТА), 18:00 ч.

АТЛАС

(Atlas)

Игран филм, Швајцарија / Белгија / Италија

2021, 90 мин., колор, ДЦП

Режија: Николо Кастели (Niccolò Castelli)

Сценарио: Николо Кастели, Стефано Пасето (Niccolò Castelli, Stefano Pasetto)

Улоги: Матилда Де Анџелис, Хелми Дриди, Анџело Бизон (Matilda De Angelis, Helmi Dridi, Angelo Bison)

 

Сторијата на АТЛАС говори за Алегра, млада жена полна со живот и со страст за искачување на високи планини. Таа решава да отпатува во Мароко за да го искачи врвот на планината Атлас, но нејзиното патување ненадејно завршува кога ќе експлодира бомба во кафуле и нејзините тројца пријатели ќе загинат во нападот.

Алегра не успева да ја надмине траумата неколку месеци подоцна, па се враќа во својот град. Таму ќе го запознае Арад, млад муслимански бегалец, кој ќе ѝ помогне да се соочи со реалноста, нејзините стравови и да ги залечи длабоките внатрешни рани…

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

16 ЈУНИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

ЗА БЕСКРАЈОТ

(Om det oändliga / About Endlessness)

Игран филм, Шведска / Германија / Норвешка / Франција

2019, 78 мин., колор, ДЦП

Режија: Рој Андерсон (Roy Andersson)

Сценарио: Рој Андерсон (Roy Andersson)

Улоги: Мартин Сернер, Татјана Деланеј, Андерс Хелстром, Јан-Еје Ферлинг, Бенгт Бергиус (Martin Serner, Tatiana Delaunay, Anders Hellström, Jan-Eje Ferling, Bengt Bergius)

 

ЗА БЕСКРАЈОТ е одраз на човечкиот живот во сета негова убавина и суровост, неговиот раскош и баналност. Талкаме, како во сон, нежно водени од нашиот наратор. Незначителните моменти го добиваат истото значење како и историските настани: една двојка лебди над градот Келн, разурнат од војна; на пат кон роденденска забава, таткото застанува да ѝ  ги врзе врвките на својата ќерка на пороен дожд; тинејџерки танцуваат надвор од кафулето; поразената војска маршира во логор за воени заробеници. Истовремено ода и жалост, ЗА БЕСКРАЈОТ претставува калеидоскоп на сè  што е вечно човечко, бесконечна приказна за ранливоста на постоењето…

ЗА БЕСКРАЈОТ беше дел од натпреварувачката селекција на 76-иот Интернационален филмски фестивал во Венеција и режисерот Андерсон ја доби наградата „Сребрен лав“ за најдобра режија. Филмот забележа уште десетина номинации, а освои награди на филмскиот фестивал во Даблин, Ирска, и „Феликс“ на Европската филмска академија за визуелни ефекти.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

17 ЈУНИ (ПЕТОК), 18:00 ч.

23 ЈУНИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

27 ЈУНИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

29 ЈУНИ (СРЕДА), 20:00 ч.

БЕРГМАН – ГОДИНА ВО ЖИВОТОТ

(Bergman – Ett år, ett liv Bergman: A year in a life)

Документарен филм, Шведска

2018, 117 мин., колор/црно-бел, ДЦП

Режија: Јане Магнусон (Jane Magnuson)

Сценарио: Јане Магнусон (Jane Magnuson)

Учесници: Ингмар Бергман (архивски снимки), Лена Ендре, Торстен Флинк (Ingmar Bergman, Lena Endre, Thorsten Flinck)

 

Во 1957 година славниот шведски режисер ги сними неговите два најпознати филмови, СЕДМИОТ ПЕЧАТ (The Seventh Seal) и ДИВИ ЈАГОДИ (Wild Strawberries), сними ТВ филм и постави 4 претстави на театарските сцени.

Во 2018 година во целиот свет се одбележуваше стогодишнината од раѓањето на еден од најголемите режисери во историјата на филмот. Јане Магнусон по тој повод се осврнува на најплодната година во творештвото на Бергман, и критичарите за нејзиниот документарец напишаа дека се работи за еден од најискрените портрети на овој автор, преплавен со емоции.

Магнусон во БЕРГМАН – ГОДИНА ВО ЖИВОТОТ не се задржува само на таа фамозна 1957 година, туку го следи и целокупниот живот и кариера на Бергман. Во нејзиниот документарец Бергман е, истовремено, и нежен и груб, чувствителен и опседнат со демони, тиранин и полулуд славен гениј, посветен на работата, но и опседнат со жените, што е материјал за три човечки животи. Во периодот кога ги создавал неговите најславни филмови бил во врски со дури четири жени, од трите брака имал шест деца на кои не им ги памтел родендените, а бил најспокоен кога ќе проработел неговиот чир на желудникот, па можел да пишува во мирот на болничката соба…

Филмот на Магнусон беше учесник во натпреварувачките конкуренции на фестивалите во Кан и Сан Себастијан, а ја освои наградата на најдобар документарец на Европската филмска академија.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

17 ЈУНИ (ПЕТОК), 20:00 ч.

ПРВИОТ СНЕГ

(Ensilumi Any Day Now)

Игран филм, Финска

2020, 82 мин., колор, ДЦП

Режија: Хами Рамезан (Hamy Ramezan)

Сценарио: Хами Рамезан, Анти Раутава (Hamy Ramezan, Antti Rautava)

Улоги: Аран-Сина Кешвари, Шахаб Хосеини, Шабнам Горбани   (Aran-Sina Keshvari, Shahab Hosseini, Shabnam Ghorbani)

 

Тринаесетгодишниот Рамин и неговото семејство побегнале од Иран и живеат во бегалскиот центар во Финска. Само што Рамон ќе почне да ужива во летниот распуст, семејството добива вест дека барањето за азил им е одбиено и треба да се вратат во Иран.

Поднесуваат жалба до апелациониот суд и навидум продолжуваат со секојдневниот живот, обидувајќи се да не мислат на заканата дека ќе бидат депортирани. Рамин започнува со новата училишна година и секој момент и секое новостекнато пријателство во училиштето му е поважно од кога и да било.

Режисерот Хами Рамезан и самиот бил бегалец од Иран пред 30 години. Кога неговото семејство пристигнало во Финска го смениле презимето во Мехдипур, и во неговиот филм има многу автобиографски елементи.

Филмот имаше премиера на Берлинале 2021, забележа 16 номинации за награди на фестивалите во светот. Ги освои наградите за најдобра споредна улога (Хосеини) и музика (Туомас Никинен / Tuomas Nikkinen) на фестивалот во Пекинг (Beijing), Кина, повторно за музика на фестивалот на независен филм во Бордо, Франција, и наградата за млад автор (Рамезан) на фестивалот во Пал Спрингс, САД.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

18 ЈУНИ (САБОТА), 18:00 ч.

РЕКВИЕМ ЗА ЕДЕН СОН

(Requiem for a Dream)

Игран филм, САД

2000, 102 мин, колор, 35 мм

Режија: Дарен Аронофски (Darren Aronofsky)

Сценарио: Хјуберт Селби помладиот, Дарен Аронофски (Hubert Selby Jr., Darren Aronofsky)

Улоги: Елен Брстин, Џаред Лето, Џенифер Конели, Марлон Вајанс, Кристофер МекДоналд (Ellen Burstyn, Jared Leto, Jennifer Connelly, Marlon Wayans, Christopher McDonald )

 

Сара Голдфарб (Брстин) е пензионерка и вдовица, живее во скромен стан и поголемиот дел од времето го минува гледајќи телевизија. Нејзина омилена емисија е шоуто што промовира психолошка самопомош, и толку е опседната со неа што халуцинира дека гостува во него.

Нејзиниот син Хери (Лето) е зависник од наркотици, замислувајќи дека еден ден со неговиот најдобар пријател Тајрон (Вајанс) ќе станат трговци со дрога и многу богати луѓе. Девојката на Хери, Мерион (Конели) е талентирана за моден дизајн и уметност, но и таа ќе биде проголтана од светот на наркотиците…

Аронофски по големиот успех со неговиот дебитантски филм ПИ (Pi) во РЕКВИЕМ ЗА ЕДЕН СОН ја користи литературната предлошка на култниот писател Селби – познат и по романот „Последниот излез за Бруклин / The Last Exit on Brooklyn“, чија екранизација во режија на Ули Едел (Uli Edel) во 1989 година доживеа голем успех – ја ангажира иконата на новиот Холивуд, Елен Брстин. Улогата на Сара  ѝ ја донесе шестата номинација за „Оскар“ (ја има освоено статуетката во 1974 за АЛИСА ВЕЌЕ НЕ ЖИВЕЕ ОВДЕ / Alice Doesn’t Live Here Anymore на Мартин Скорсезе ). Филмот на Аронофски за критиката е еден од најзначајните филмови на преминот на двата века. Неговите визуелни сензации и френетична монтажа (Џеј Рабиновиц / Jay Rabinowitz), како и сугестивната музика на Клинт Мансел (Clint Mansell), му донесоа статус на култен наслов меѓу филмофилите, забележувајќи 37 награди и 70 номинации на филмските фестивали низ светот.

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 100 денари

 

 

18 ЈУНИ (САБОТА), 20:00 ч.

22 ЈУНИ (СРЕДА), 18:00 ч.

МАЛЕЧКАТА МАМА

(Petite maman / Little Mom)

Игран филм, Франција

2021, 73 мин., колор, ДЦП

Режија: Селин Скјама (Céline Sciamma)

Сценарио: Селин Скјама (Céline Sciamma)

Улоги: Жосефин Санз, Габриел Санз, Нина Морис (Joséphine Sanz, Gabrielle Sanz, Nina Meurisse)

 

Осумгодишната Нели ја губи саканата баба и им помага на родителите да ја средат нејзината куќа, во која одраснала мајка ѝ . Нели ја истражува околината и шумата околу куќата за која толку многу слушала од мајка ѝ  Марион, која како малечка се играла и си изградила куќичка од дрво.

Еден ден нејзината мајка ненадејно ќе исчезне. Нели среќава девојче на нејзина возраст која се вика Марион, и која во шумата гради куќичка од дрво, на истото место како што тоа пред неколку децении го правела мајка ѝ …

Филмот на Селин Скјама, кој имаше премиера во натпреварувачката програма на минатогодишниот фестивал Берлинале и забележа десетина награди и номинации на други фестували, од критиката е оценет како досега нејзино најдобро дело во кое се осврнува на одраснувањето од женска перспектива, истражувајќи ја моќта на сеќавањата и фантазијата.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: 100 денари

 

 

20 ЈУНИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

СМЕНАТА

(The Shift)

Игран филм, Италија / Белгија

2021, 83 мин., колор, ДЦП

Режија: Алесандро Тонда (Alessandro Tonda)

Сценарио: Давиде Орсини, Алесандро Тонда (Davide Orsini, Alessandro Tonda)

Улоги: Клотилд Хесме, Адамо Диониси, Адам Амара, Јан Хаменекер, Стив Дризен, Џемел Барек, Мирием Акедиу (Clotilde Hesme, Adamo Dionisi, Adam Amara, Jan Hammenecker, Steve Driesen, Djemel Barek, Myriem Akheddiou)

Динамичен акционен филм чија сторија говори за терористички напад на исламисти во училиште во Брисел. Автобусот полн со адолесценти кои разговараат за девојки, забави и испити пристигнува до влезот на нивното училиште. Во влезниот хол, каде што се среќаваат со своите пријатели, се шегуваат и се смеат заедно. Но, некој не го дели нивниот безгрижен израз.

Набргу потоа се случува експлозија. Реферирајќи на три терористички напади во главниот град на Белгија кои се случија на 22 март 2016 година, филмот се фокусира на случките непосредно по експлозијата и трите лика – двајца болничари и рането 16-годишно момче. Двајцата болничари не се свесни дека под облеката на момчето се наоѓа појас со експлозиви и дека тоа е наредниот бомбаш-самоубиец, па го ставаат во амбулантното возило и тргнуваат кон болницата. Кога ќе дознаат, веќе е доцна: младиот муслиман веќе се освестили, иако исплашен и физички слаб, има намера да ја изврши својата мисија до крај, со едноставно притискање на копчето на појасот. За трите лица во амбулантното возило започнува незапирливо возење од една до друга блокада во градот во состојба на црвена тревога. Двајцата болничари земени како заложници се принудени да се однесуваат како сè да е в ред и му пружаат итна помош на момчето, додека одредот за борба против тероризмот ја распоредува сета своја сила за да ги лови преживеаните потенцијални бомбаши-самоубијци.

Играното деби на Алесандро Тонда учествуваше во официјалната селекција на 15-тиот Римски филмски фестивал 2020.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

20 ЈУНИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.

30 ЈУНИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

МРАЧНА БАЈКА

(Favolacce / Bad Tales)

Игран филм, Италија / Швајцарија

2020, 98 мин., колор, ДЦП

Режија: Дамијано Диноченцо, Фабио Диноченцо (Damiano D’Innocenzo, Fabio D’Innocenzo)

Сценарио: Дамијано Диноченцо, Фабио Диноченцо (Damiano D’Innocenzo, Fabio D’Innocenzo)

Улоги: Елио Џермано, Томасо Ди Кола, Џулиета Ребеџани, Барбара Чичарели (Elio Germano, Tommaso Di Cola, Giulietta Rebeggiani, Barbara Chichiarelli)

 

Летната горештина е надвисната над предградието на Рим и во воздухот се чувствува некоја мистериозна нелагодност која може да експлодира во секој момент. Поголемиот дел од жителите на предградието се фрустрирани затоа што не се дел од поубавите делови на градот, полни со горчина што сонот за конфорот што ја има средната класа им е уништен.

Но, нивните деца ќе се обидат да го променат генерациското наследство. Нараторот на сторијата нè води низ неговата мрачна бајка – приказна за мажите и жените кои постојано стравуваат дека нивните соништа и надежи за подобар живот можеби никогаш нема да бидат остварени.

МРАЧНА БАЈКА на браќата Диноченцо ја освои „Сребрената мечка“ за најдобро сценарио на Берлинале, беше победник на фестивалите ФЕСТ во Белград и во Брисел, и освои уште дваесетина други фестивалски награди.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

21 ЈУНИ (ВТОРНИК), 20:00 ч.

29 ЈУНИ (СРЕДА), 18:00 ч.

ПОТ

(Sweat)

Игран филм, Полска / Шведска

2020, 106 мин., колор, ДЦП

Режија: Магнус фон Хорн (Magnus fon Horn)

Сценарио: Магнус фон Хорн (Magnus fon Horn)

Улоги: Магдалена Колешник, Јулијан Швижевски, Александра Конечна (Magdalena Kolesnik, Julian Swiezewski, Aleksandra Konieczna)

 

ПОТ е филм за инфлуенсерите на социјалните мрежи виден низ призмамата на сторијата за фитнес инструкторката Силвија Зајец. Таа е згодна, популарна и обожувана, опкружена со верни соработници и следбеници кои ѝ се восхитуваат, завидуваат, се поистоветуваат и сакаат да бидат како неа… Силвија, пак, има само една неостварена желба – вистинска емоционална интимност со некого.

Оценет како психолошки профил на светот на инфлуенсер(к)ите во ерата на Инстаграм, ПОТ е филм кој заради низа околности – пандемијата со корона вирусот меѓу другото – го слика токму времето кое се повеќе го минуваме online, соочени со прашањето дали квалитетот на реалниот живот може да биде заменет со бројот на „лајковите“ (допаѓањата) на социјалните мрежи? Затоа, не случајно, ПОТ ја имаше премиерата на online изданието на филмскиот фестивал во Кан во 2020 година.

Филмот на Магнус фон Хорн – шведски режисер кој студирал на прочуената филмска школа во Лоѓ и продолжил да работи во Полска – беше апсолутен победник на националниот филмски фестивал во Полска, освои две награди на фестивалот во Чикаго (САД) и уште десетина други признанија, забележувајќи дваесетина номинации за награди.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

22 ЈУНИ (СРЕДА), 20:00 ч.

27 ЈУНИ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.

30 ЈУНИ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

ЈАГНЕ

(Lamb)

Игран филм, Исланд / Шведска / Полска

2021, 106 мин., колор, 35 мм

Режија: Валдимар Јохансон (Valdimar Jóhannsson)

Сценарио: Сјон, Валдимар Јохансон (Sjón, Valdimar Jóhannsson)

Улоги: Нооми Рапас, Хилмир Снаер Гуднасон, Бјорн Хлинур Харалдсон (Noomi Rapace, Hilmir Snær Guðnason, Björn Hlynur Haraldsson)

 

Марија (во толкување на Нооми Рапас, се прослави како Лизбет Саландер во филмската трилогија МИЛЕНИУМ), е фармерка која со маж ѝ  Ингвар (Гуднасон ) одгледува стадо овци во преубавите пејзажи на Исланд. Брачната двојка во таа природна идила надвор од градската врева има сè, освен деца.

Еден ден на нивната фарма ќе најдат бебенце, кое мистериозно се појавува. Марија и Ингвар одлучуваат да го чуваат и одгледуваат како нивно дете. Бебенцето е пресврт во животот на дотогаш тажната Марија, кое ќе им донесе многу радост…

Рапас е по потекло од Шведска – родена во бракот на актерката Нина Норен (Nina Norén) и шпанскиот фламенко пејач Роџелио де Бадахоз (Rogelio de Badajoz) – но во овој филм за прв пат говори на исландски јазик кој го научила додека како малечка живеела со мајка и на Исланд.

Режисерот Валдимар Јохансон за ЈАГНЕ ја доби наградата за оригиналност во програмата „Извесен поглед“ на Канскиот фестивал 2021. Филмот ги освои наградите за визуелни ефекти на доделувањето на Европските филмски награди, потоа награди за најдобра актерка (Рапас), режија (Јохансон) и филм на фестивалот во Сиџес крај Барселона (Sitges – Catalonian International Film Festival), и забележа уште триесетина номинации на фестивалите во светот.

 

Возрасна категорија: 14 години

Влезница: 100 денари

 

 

23 ЈУНИ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

МЕМЕНТО

(Memento)

Игран филм, САД

2000 г., 113 мин., колор, 35 мм

Режија: Кристофер Нолан (Christopher Nolan)

Сценарио: Кристофер Нолан, Џонатан Нолан (Christopher Nolan, Jonathan Nolan )

Улоги: Гај Пирс, Кери-Ен Мос, Џо Пантолиjано (Guy Pearce, Carrie-Anne Moss, Joe Pantoliano)

 

Филмот МЕМЕНТО, кој го прослави режисерот Кристофер Нолан, го следи светот на Леонард Шелби, кој се здобил со тешка повреда на главата, при обидот да ја спаси сопругата од убиство. Заради тоа, Леонард не може да создава нови сеќавања, а последното нешто на кое се сеќава се настаните кои се случиле непосредно пред повредата. За да се одмазди за смртта на неговата сопруга, тој ќе мора да ги запомни настаните кои му се случуваат и да ги бележи сите податоци кои би можеле да го доведат до убиецот.

 

Возрасна категорија: 12 години

Влезница: бесплатен влез



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.