Денеска, (5 март) од 18:30 часот, во Музејот на македонската борба ќе се одржи промоција на книгата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ, во издание на издавачката куќа „Арс Ламина“.

Промотор на книгата ќе биде универзитетската професорка и модна дизајнерка Лидија Георгиева, заедно со уредничката на изданието Бисера Бендевска како модератор и авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ.

Фотомонографијата „Костимот во Македонија од појавата на фотографијата до денес“ ги сублимира сознанијата и знаењата здобиени од стручната наобразба на авторката во областа на костимографијата и на модниот дизајн, но и од работните искуства, пред сè како филмски и музејски костимограф.  Стилот на пишување е белетризиран и збогатен со цитати од македонската книжевност, конкретно од романот „Крпен живот“ на Стале Попов во кој детално се опишуваат постапките на креирање облека во домаќинството, а вклучени се и сведоштва на историски личности од почетокот на 20 век во Македонија, кои зборуваат за други аспекти на облекувањето во тоа време.

Книгата е збогатена со многубројни фотографии од приватната архива на авторката и од други извори, педантно забележани во книгата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.