По повод 60-годишнината од смртта на Милтон Манаки, во киносалата на Кинотеката вечерва ќе бидат прикажани документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ за фотографската дејност на Јанаки и Милтон Манаки, целокупниот опус од 42 филма кои овие балкански кинематографски пионери ги снимиле со култната Камера 300, како и филмска репортажа од 1956 година со тогаш „живата битолска легенда“ Милтон Манаки.

Најпрвин, со почеток во 18 часот, Роберт Јанкуловски, редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и основач на „Македонски центар за фотографија“, ќе одржи презентацијата под наслов „Фотографиите на Манаки, записи низ времето“.

Потоа следува проекцијата на документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ (2018, 70 мин., црно-бел/колор) во режија на самиот Јанкуловски, а по сценарио на Илинденка Петрушева и Јанкуловски. Филмот е посветен на фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански сниматели, и преку оригинални документарни фотографии го следи нивното професионално патешествие од отворањето на првото фотографско ателје во 1898 година во Јанина, се до нивната преселба во Битола каде покрај фотографско ателје, градат и киносала и почнуваат да се бават професионално со киноприкажување на филмови.

Веднаш по документарниот филм ќе биде прикажана и кратката филмска репортажа под наслов „Средба со нашиот прв филмски снимател“ снимена во 1956 за потребите на филмскиот журнал „Филмски репортер бр.4“ подготвен од страна на екипата на Вардар филм од Скопје.

Подоцна, со почеток во 20 часот, ќе се одржи проекција на 42-та наслови на браќата Манаки снимени со нивната камера со сериски бр.300, а кои помладиот брат Милтон во 1963 година, пред својата смрт, ги предал на чување во Државниот Архив на Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.