Во рамките на филмската програма на 12. ФФФ, во 18.30 ч. во Кинотека ќе се одржи репризна проекција на филмот „Претпоследниот“ (The Penultimate) од Официјалната селекција на долгометражни филмови, во режија на данскиот режисер Јонас Керуп Хјорт, којшто беше во Скопје минатата недела како гостин на Фестивалот.
Филмот премиерно е прикажан во долгометражната селекција на дебитантски филмови на Фестивалот „Црни Ноќи“ (Black Nights) во Талин. Во него е непознато како времето тече, но смртта е симбол на времето. Затоа смртта е толку далеку колку што е и близу. Филмот нè упатува на фактот дека никогаш целосно не сме сами, а истовремено и на човековата потреба за трансенденција во самиот животен лавиринт.
Потоа, во вечерниот термин од 21 ч. во Летното кино „Мирно лето“, ќе се одржи претпоследната проекција од Ревијалната програма: Филм-философија. Со воведно излагање на д-р Кица Колбе, публиката ќе може да го погледне незаборавниот филмски класик „Хирошима, љубов моја“ од францускиот режисер Ален Рене.
Француска актерка и јапонски архитект се вљубуваат за време на снимањето на антивоен филм во Хирошима. Нивната интензивна љубовна врска во поствоената Хирошима се прекршува низ нивните сеќавања за љубовта и страдањето. Мажот, кој ги загубил членовите на семејството за време на бомбардирањето на градот, и жената, која го загубила својот љубовник од младоста, германски војник, разговараат за личните и националните трауми предизвикани од големата војна.
Во овој прв игран филм на режисерот Алан Рене се чувствува неговиот маестрален документаристички стил, а филмот е почитуван и поради иновативната употреба на кратките флешбекови кои како да претставуваат искри од сеќавањата.
Филмот беше прикажан на Канскиот Фестивал во 1959 година, каде доби ФИПРЕСЦИ награда, ја доби и Наградата на Обединетите Нации на доделувањето на БАФТА наградите во 1961 година, а писателката Маргерит Дирас за овој филм беше номинирана за Оскар во 1961 година за најдобро сценарио.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.