Со претставата на битолскиот театар „Артуро Уи“ од Бертолд Брехт во режија на Кендрим Ријани, што е на програмата денеска од 19 часот на сцената од Центарот за култура „Марко Цепенков“, се заокружува официјалната програма на 56. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, што од 3 до 9 јуни се одржува во Прилеп.

Во придружниот дел од програмата вечер од 22 часот во Прилепскиот народен театар е мјузиклот „Quo vadis?“ на студентите од ФДУ од Скопје. Со тоа целосно завршува фестивалската програма.

Фестивалското жири утре напладне ќе ги соопшти наградите на годинашниов Фестивал и најдобрата претстава. Во трката за награди се осум претстави на македонските театри: „Народен непријател“ на МНТ, „My name is Goran Stefanovski“ („Моето име е Горан Стефановски“) на Драмски театар, „Декамерон“ на прилепскиот, „Јазли“ на албански театар, „Бракот на Марија Браун“ на струмичкиот, „Вишновата градина“ на Турски театар, „Клетвата на Скотје“ на театар „Комедија“ ипретставата на битолскиот театар што ќе биде прикажана вечер „Артуро Уи“.

Фестивалот утревечер ќе биде затворен со доделувањето на наградите и со претставата во чест на наградените „Боливуд“ на театар „Комедија“ од Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.