Градската библиотека „Благој Јанков – Мучето“ во Струмица е точката од каде што во средата вчера започна серијалот „Приказни од моето маало“.

„Приказни од моето маало“ започнаа со едукативно-креативна работилница под менторство на авторот и илустратор за деца Ване Костуранов. Тој пред учениците од ООУ „Сандо Масев“ прочита фрагменти од своите дела на тема екологија, а потоа заедно цртаа и креира според мотивот „Природата не’ сака сите“.

Тимот на Халки на Струмичката библиотека и’ донираше катче за читање, како и книги и сликовници за деца. Директората Тања Гошева, заблагодарувајќи се, упати порака за важноста на читањето книги, за читачките навики на нивните членови, како и за Струмица како град со богата културна традиција.

Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов, поддржувајќи ја пораката за важноста на книгата, го поздрави настанот читајќи дел од својата омилена книга од детството „Зоки Поки“ од Оливера Николова.

„Приказни од моето маало“ е циклус мултимедијални креативно-едукативни настани, кои ја поттикнуваат детската креативност и поддржуваат неформална едукација на најмладите на теми важни за денешнината: екологија, инклузија, прифаќање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.