Премиера на претставата „Пикник на фронтот“ вечерва ќе се одржи во Драмскиот театар – Скопје, со почеток во 20 часот. Претставата е работена по текст на Фернандо Арабал, а режијата е на Андреј Цветановски. Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимограф е Раде Василев, а изборот на музиката го направи Димитар Андоновски.

Во претставата играат: Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, Филип Трајковиќ, Дамјан Цветановски, Стефан Вујисиќ, Соња Стамболџиоска.

„Пикник на фронтот“ е претстава е за луѓе, поточно едни „лушпи“ од луѓе кои ја преживуваат војната и секој ден низ своите игри се обидуваат да избегаат од неа, но се подлабоко и подлабоко влегуваат во неа, вели режисерот Цветановски.

Војната е чудовиште кое голта се пред себе, земји, градови, населби, квартови, згради, фамилии, луѓе … И не застанува пред ништо. Од тој момент сите амбиции, желби, соништа стануваат далечни и нормалниот живот како и да не постоел, само потребата да се преживее. Оваа претстава е за такви луѓе, на кои им е смачено да живеат по правилата на преживување, туку сакаат да си играат со животот и да се обидат од војната да направат своја игра која ќе им биде терапија, додава Цветановски.

фото: Драмски театар

Бидејќи нашата држава ја има честа да биде домаќин на Самитот на ОБСЕ на 29 ноември, државниците од нашиот „цивилизиран“ свет имаат шанса да присуствуваат на премиера на претставата. Би сакал да ги поканам и со тоа можеби ќе има „лушпа“ од човек помалку на нашата планета Земја, вели Цветановски.

Актерката Билјана Драгиќевиќ – Пројковска, која го игра ликот на госпоѓа Тепан, мајка на момче кое е во војна, се надева дека после претставата она што ќе прозвучи надвор од оваа сцена, ќе биде пораката за мир и благостојба.

Мислам дека одамна на проби не сме се смееле толку, а во исто време и не сме плачеле. Доколку тоа го доживее и публиката, ние ќе бидеме многу среќни и ќе имаме производ кој ќе се игра многу долго време, изјави Драгиќевиќ – Пројковска пред премиерата.

Актерот Дамјан Цветановски објасни дека неговиот лик и ликот на Стефан Вујисиќ се всушност војници кои се во војна но немаат мотив за истата. Како што кажа, двајцата се довлечкани со сила да се борат, а имаат детска наивност која проникнува низ најсериозните моменти.

Филип Трајковиќ потенцираше оти конечно игра улога на лик кој многу го поистоветува со она што се случува денес во светот.

Тој наоѓа начин да биде среќен во тешки и страшни моменти. Всушност, тоа е нешто што поголемиот дел од нас го живеат затоа што секој ден е борба за опстанок на некаков начин. Ако не почнеме да се смееме и радуваме па дури и во тешките моменти кои се случуваат во нас, немаме начин како да продолжиме понатаму, изјави Трајковиќ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.