НУ Драмски театар, Скопје (ДТС), на 27 април, денот на роденденот на драмскиот автор Горан Стефановски,  ја востанови наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30-годишна возраст кој ќе се избира по пат на јавен конкурс. Преку овој чин се оддава почит и се чува споменот за Горан Стефановски и неговата улога во развојот на македонската драматургија и театар, и воедно  се проширува заложбата на ДТС за афирмација на македонските млади автори и македонското драмско писмо. Стефановски како млад драмски автор со драмските дела „Јане Задрогаз“ и „Диво месо“ во соработка со ДТС  постигна успеси за паметење. За временската рамка во која ќе се одвива конкурсот и пропозициите од истиот,  јавноста ќе биде дополнително информирана.

ДТС ќе партиципира и во Фондацијата „Горан Стефановски“ основана со одлука на УКИМ под иницијатива на Факултетот за драмски уметности. И ќе земе активно учество во реализацијата на програмските активности на истата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.