„Вие сте меѓународно богатство“, ѝ кажа француската актерка Жилиет Бинош на американската колешка Мерил Стрип кога ѝ ја додели почесната „Златна палма“ на стартот на престижниот Филмски фестивал кој почна синоќа во Кан.

Бинош (60) се расплака додека зборуваше за влијанието на Стрип, повикувајќи се на некои од нејзините класични улоги, вклучувајќи ги „Холокауст“ од 1978 година, „Крамер против Крамер“ од 1979 година и „Изборот на Софи“ од 1982 година, меѓу другите.

Изградивте неизбришливо место за себе во историјата на кинематографијата. Она што можев да го почувствувам додека ги гледав вашите филмови е дека мора да ги исполните своите соништа, нашите соништа и пошироко. Вие го менувате начинот на кој гледаме на жените, а исто така ни помогнавте поинаку да гледаме на себе, ѝ рече Бинош на Стрип на сцената.

Холивудската легенда и повеќекратна оскаровка Мерил Стрип ја доби почесната Златна палма на стартот на престижниот Филмски фестивал во во Кан.

Годинешното издание на Канскиот фестивал ќе го одбележи враќањето на ѕвездите како Стрип, Френсис Форд Копола и Кетрин Денев, додека 22 филма се во официјалната конкуренција за „Златна палма“.

Покрај Стрип, оваа година почесна „Златна палма“ ќе добијат и креаторот на серијалот „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас, како и колективно студиото „Gibli“ на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Филмскиот фестивал во Кан официјално започна во вторникот вечерта кога славните личности прошетаа на црвениот тепих во раскошниот „Grand Theatre Lumiere“.

На актерската екипа на француската комедија и воведниот филм на фестивалот „Вториот чин“ се приклучи и годинашното жири предводено од американската режисерка Грета Гервиг, чиј филмски хит „Барби“ заработи повеќе од милијарда долари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.