„Литера“ е на сите, на публиката, на уметниците, на издавачите и на секој кој има што да покаже и каже во областа, вели Софија Семенпеева – Трајановска, основач и директор на фестивалот за литература и илустрација за деца и млади „Литера“, кој почнува денеска и ќе трае до 18 мај во Скопје. Настаните ќе се одржуваат во Младинскиот културен центар (МКЦ), а Турција е земја во фокусот.

Од „Литера“ најавуваат изложби на гостите илустратори Гизем Ѓозде Учар, Серхат Албамја и разговор со авторката Зејнеп Севде Паксу. Ќе се организира и изложба во чест на претходниот добитник на наградата „Литера“, на која ќе биде претставен илустраторскиот опус на Наташа Андонова, која е авторка на плакатот на годинашното издание на „Литера“. Првпат ќе се одржи и Саем на сликовници и литература за деца и млади…

„Литера“ станува сериозен бренд на градот Скопје. Со тоа и обврските се сè поголеми и организациски и финасиски, вели во интервју за „Република“ Семенпеева- Трајановска, која е графички дизајнер со долгогодишно професионално искуство во делот на маркетингот и визулените комуникации.

Има работено на голем број корпоративни проекти, како и на проекти од областа на културата и општествената одговорност. Особено значајни за изградба на нејзиното професионално искуство и портфолио е ангажманот на проекти како ИФФК „Браќа Манаки“, фестивалот МакеДокс и креирањето маркетинг кампањи за познати домашни компании. Како основач и сопственик на Центарот за визулени комуникации Ефектива, таа е идеен творец и двигател на повеќе проекти како „Литера“, Skopje Street Music Festival, серијата настани „Остави го таблетот, симни се пред зграда“ и други.

Пред нас е шестото издание на Меѓународниот фестивал за Литература и илустрација за деца „Литера“ Кога ќе погледнете назад, дали сте задоволни од она што досега го сработивте?

СЕМЕНПЕЕВА – ТРАЈАНОВСКА: Кога нешто создавате од почеток со секој следен чекор се учи, така и ние. „Литера“ е фестивал кој од година во година станува сè подобар и поуспешен. Станува сериозен бренд на градот Скопје. Со тоа и обврските се сè поголеми и организациски и финасиски. Се бориме да создадеме сериозен фестивал. Тимот на „Литера“ го става „срцето на терен“ сите имаме ентузијазам и се трудиме да го покажеме во најдобро светло и најважно делата погласно зборуваат од нас. Тоа е суштината. Задоволна сум и презадоволна, секогаш може подобро, ама со оглед на тоа што го имаме, ентузијазмот и посветеноста не доведоа до шестото издание на „Литера“. Се додека имаме љубов во себе за да создаваме големи работи кои обединуваат култура, уметност, ќе креираме оригинални концепти и содржини на можеби единствениот од ваков тип фестивал кај нас и во регионот. Имаме визија, имаме сериозна мисија и чекориме. Некогаш по стрмни угорнини, некогаш по лесни патеки, но тоа е процесот на создавањето.

Секое издание на „Литера“ е богато со промоции, работилиници, изложби. За оваа година најавувате Саем на литература за деца на кој македонските издавачи ќе ги претстават своите изданија. Колку време ви беше потребно да го реализирате Саемот? 

СЕМЕНПЕЕВА – ТРАЈАНОВСКА: Самот на сликовница е од самиот почеток ни ставен во концептот. Немавме искуство и некако се плашевме низ годините да се впуштиме во оваа приказна. Годинава храбро зачекоривме, можеби скромно, но со тенденција да расте и да се развива. На фестивалот му се потребни издавачите, сакаме да сме сите на едно место во одерено време во годината. „Литера“ е на сите, на публиката, на уметниците, на издавачите и на секој кој има што да покаже и каже во областа.

Штом има Саем, значи има и издавачи на литература за деца. Какво е вашето мислење за литературата за деца која се издава во Македонија?

СЕМЕНПЕЕВА – ТРАЈАНОВСКА: Имаме сериозни дела. Годинава не случајно одиме со слоганот „Летаме заедно“, сметам дека ни фали заедништво, ни фали поголема меѓусебна соработка. Некако натпреварувањето не нè носи до поголеми цели. Многу малку треба за да се обединиме со иста цел. Литературата за деца станува побогата секоја година, се пишува, се твори, на сцена излегуваат постојано нови имиња и сè што можам да кажам е дека Македонија има квалитетни имиња кои заслужуваат да излезат и надвор од границите, да бидат преведувани на светски јазици и конечно авторите и воопшто уметниците да бидат валоризирани како што доликува. Македонија е земја богата историја, традиција, култура која заслужува да биде раскажувана и прераскажувана. Најубавите приказни доаѓаат од малите земји. Верувам дека доаѓаат се подобри времиња кога е во прашање литературата за деца и млади.

Ако литературата за деца кај нас доживува ренесанса, може ли да говориме дека Саемот кој го организирате оваа година може и би требало да стане традиционален? Верувам дека сте го посетиле и оттаму црпите и идеи од Саемот за книги за деца во Болоња.

СЕМЕНПЕЕВА – ТРАЈАНОВСКА: Не би рекла дека литературата за деца доживува ренесанса, имало и досега квалитетна литературата во корелација со генерациите и времето во која се објавувала. Сега на овие генрации им се потребни можеби поинакви формати на приказни, меѓутоа суштината е иста, сепак истите вредности остануваат да важат и да едуцираат. Околу визуелниот дел, тој се менува во однос на стиловите кои преовладуваат во определен период. Секое време си носи и свои визуелен печат. Болоња е наша инспирација, тоа е она кон кое што се стремиме. На едно место да донесеме издавачи, автори, илустратори, графичари, преведувачи од целиот регион, па и од Европа е цел која би сакале да ја реализираме во блиска иднина. Фестивалот допрва ќе расте и ќе се развива, имаме огромен потенцијал, штета е да не се искористи тоа.

Литературата за деца станува побогата секоја година, вели Семенппеева – Трајановска

Што е она што може да се издвои од македонската литературата за деца во однос на останатите? Тука, секако мислам и на македонските илустратори, што може ние да му понудиме на светот?

СЕМЕНПЕЕВА – ТРАЈАНОВСКА: Македонската литературата е навистина автентична, во голем дел се приклонува на културното наследство од кое црпи инспирација и тоа е еден добар правец кон кој треба да се држиме, како што тоа го прави и светот. Секогаш кога остануваш доследен на корените и на она што те формира е сигурен пат до успехот, не можеш да промашиш. Илустрацијата и уметноста може да се носи рамо до рамо со светски имиња од оваа област. Уметноста ни е запишана во гените, ако ги погледнеме материјалните докази од пред неколку векови, од изработка на носии, колорит, дезени, ако ги погледнеме современите книги за деца гледаме дека ни малку не изостануваме пред светот. Оваа земја е лулка на културата, врз која почиваат и многу други.

Често истакнувате дека илустрацијата е клучот за градење на визулената култура. Вложувате многу напор организирајќи ја „Литера“ со цел уметноста да ја доближите до децата кои го посетиле Фестивалот. Макар и едно од нив еден ден да стане писателл или илустратор сте ја постигнале целта. Како Вие ја дожувавате „Литера“?

СЕМЕНПЕЕВА – ТРАЈАНОВСКА: Градењето на идна публика, развивање на читателски вештини, развојот на креативноста кај децата од мали е нозе се точки на кои посветуваме големо внимание. Многу труд вложуваме во децата. Важно е со каква визуелна култура ги растеме децата, важно е да има критериуми за квалитетна илустрација. Тоа е првиот допир на детето со визуелното. Илустрацијата како медиум најмногу допира до децата, до младите генерации и токму затоа ја потенцирам нејзината важност, како клучна за градење на визуелната култура. Важноста на визуелната комуникација во денешно време е од огромно значење. Живееме во ера кога визуелните приказни се единствените приказни на кои реагираат младите и нивната генерација. Опкружени сме со голем број визуелни информации и многу е важен квалитетот. Како маркетинг агенција секогаш се стремиме на компаниите да им објаснеме дека клучот е во квалитетна визуелна комуникација. Сите тие слики ја градат големата слика за нашето општество. Сите заедно креираат визуелна култура на нашата држава. Наше брендирање внатре, но и сликата за надвор.

Оваа година земја во фокусот на „Литера“ е Турција, а гости на Фестивалот ќе бидат Гизем Ѓозде Учар, Серхат Албамја и Зејнеп Севде, современи автори и илустратори за деца. За пошироката поублика можеби помалку познати, но за оние кои се бават со оваа уметност, знаат дека Турицја има голем потенцијал и пазар за литература за деца. Што ќе им понудат тие на посетитетите?

СЕМЕНПЕЕВА – ТРАЈАНОВСКА: Гизем Ѓозде Учар и Зејнеп Севде доаѓаат како специјални гости од Турција на „Литера“. Тие во склоп на фестивалот ќе одржат мастеркласови, работилници и посетителите ќе имаат можност да поразговараат со нив, да се запознаат со нивната работа и да научат нешто околу илустрацијата. Гизем Ѓозде Учар ќе одржи мастерклас на 16 мај со почеток во 10 часот во МКЦ, каде се одвива целиот фестивал. На мастеркласот таа ќе покаже како се раскажува приказна преку цртежи. Зејнеп Севде истиот ден во 12 часот ќе раскаже за нејзината работа и за книгите кои ги пишува.

Темата годинава е „Летаме заедно“, авторка на плакатот е Наташа Андонова, добитничка на наградата за најдобра илустрација на ланското издание на „Литера“. Колку што можам за забележам во фокусот, освен книгата и е градот Скопје. Дали сметате дека „Литера“ станува бренд на Скопје?

СЕМЕНПЕЕВА – ТРАЈАНОВСКА: „Литера“ на Скопје му носи културна свежина, му носи препознатливост и му носи пред сè квалитет. „Литера“ гради мостови со различни култури, токму затоа е и меѓународен фестивал кој секоја година има различна земја во фокус со цел да се запознае македонската публика со други култури, литература и илустрација. Темата и пораката на годинашниот плакат е навистина суштинска и значајна. Сакаме секој да си ја протолкува на свој начин, но и сите да разбереме дека суштина лежи во заедништвото и меѓусебната почит и поддршка. Да изградиме слика и време кои ќе остават трага на заедништво и почит. Нашите деца да учат од нашите примери за вистински вредности.

Разговараше Александра М. Бундалевска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.