Претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен во режија на Нина Николиќ, а во изведба на МНТ од Скопје е најдобра претстава на годинашниот 56. македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Оваа претстава се закити и со уште три награди, за најдобар актер за Никола Ристаноски, за сценографија на Вишња Вујовиќ и за рекламен материјал на Димитар Димитров.

Наградата за најдобра режија ја доби Кендрим Ријани за претставата „Артуро Уи“ во изведба на битолскиот театар, а најдобра женска улога оствари Бедија Беговска во претставата „Вишновата градина“ на турски театар од Скопје.

Претставата на битолскиот театар „Артуро Уи“ освен за најдобра режија, ги доби и наградите за најдобра машка епизодна улога, наградата „Димче Трајковски“за Никола Пројчевски, а за женска епизодна улога е наградена Викторија Степановска Јанкуловска. За најдобра костимографија наградата ја доби Благој Мицевски и за најдобра музика, Тримор Доми.

Наградата за млад актер ја доби Сара Спиркоска од претставата „Декамерон“ на прилепскиот театар, а Лидија Митовска Ѓориевска е добитник на наградата за најдобра современа сценска драматизација за оваа претстава.

Актерот Хакан Даци е добитник на наградата „Трајко Чоревски“ за млад актер од претставата „Вишновата градина“ на Турскиот театар. За најдобар текст е награден Рефет Абази за текстот на истоимена претстава „Јазли“ во изведба на Албански театар од Скопје.

Фестивалското жири во состав Љупчо Ѓорѓиевски, режисер, Бесфорт Идризи, актер и театарскиот критичар, Сотир Трајков, не ја доделија наградата за кореографија и сценски движења.

Според Ѓорѓиевски претставата „Народен непријател“ во целина ги исполни сите критуериуми за најдобро остварување на Фестивалот.

Она што нѐ водеше, една главна нитка, или мото при оценувањето е да издвоиме од секоја претстава елемент кој е доминантен. Претставата „Народен непријател“ на некој начин изби на врвот, пред сѐ, со своето уметничко обликување во целина каде речиси сите елементи се целосно обликувани, а потоа и со својата актуелност. Еден текст кој е пишуван пред 140-тина години имам впечаток како да е пишуван денес. Прозвучи актуелно и ненаметливо, како да се случува сега и овде, смета режисерот.

Сотир Трајков, член на жирито, ги нагласува актуелноста на темата и чистиот режисерски концепт.

Мојата порака до сите режисери и театри е да не се држат до она виденото, туку да истражуваат, рече Трајков.

Сара Спиркоска од прилепската претстава „Декамерон“ добитничка на наградата за млад актер рече дека е многу среќна за наградата, особено е поттик затоа што е штотуку дипломиран актер.

Ми се остварува сонот, особено е голема среќата зашто сум штотуку дипломирана. Сакам и сите колеги кои се невработени да им се даде шансата да ги покажат големите таленти, рече Спиркоска.

Лидија Митоска Ѓорѓиевска, добитничка на наградата за современа сценска драматизација се согласува дека наградата е голем поттик.

Среќна сум што работев во процесот, што режисерот Кочовски ми ја даде шансата и се надевам дека мојот труд ќе биде препознаен понатаму, рече Митоска Ѓорѓиевска.

На сцената од Центарот за култура “Марко Цепенков“ со доделувањето на наградите и со претставата во чест на наградените „Боливуд“ на театар „Комедија“ од Скопје вечерва ќе биде затворен 56 МТФ „Војдан Чернодрински.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.