Неделава, започнувајќи со вчерашното отворање на изложбата “МА” на авторот Сашо Колевски, како прва негова самостојна изложба, ја најавува богатата програмска недела во ЈУ Младински културен центар во која за една седмица, се закажани пет музички настани и концерти, три танцови перформанси, работилница за стрип за најмладите како и феминистичка трибина.
Вечерва, со почеток во 21 часот ќе се одржи концерт на добро познатата “џипси” панк и фолк сензација, Култур шок, познати на домашната публика по енергечните и сензационални настапи во живо, чиј последен настап во МКЦ во 2019 е врежан трајно во меморијата на сите кои беа дел од него.

Веќе на 5 април, со почеток во 20 часот следат три танцови перформанси како дел од годинешното издание на Танц Фест 2023, “Дали е реално?” по кореографија на Гилда Цесарио од Италија, “OPUS I-IV” по кореографија на Сандра Мавхима од УНАГЕ, Романија и “Lud:Us” по кореографија на Jакуб Черулик од Нитра, Словачка.

На 6 април, во Младински културен центар ќе се одржи настанот за раскажување на женски приказни “ПичПрич” на темата “Бев Сама”, со кој ќе се најави и единаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција “ПРВО ПА ЖЕНСКО”, во соработка со Тииит.инк.
Вечерта, во соработка со “Ротко”, во Денсинг салата на МКЦ свој настап ќе имаат Aмериканците Soft Moon.

На 7 април, четврток, во МКЦ ќе се одржи првата од серијата бесплатни работилници за деца со Билјана Црвенковска на тема @Како се пишува приказна за стрип и зошто мора да ја има?”.
Викендот, 7, 8 и 9 април е резервиран за три последователни одлични музички настани: промоција на вториот албум на младиот македонски електронски артист KESKO со настап во живо и локална поддршка од DJ Flooder и Kronom, на 8 април (сабота) старите добри ПиЕмЏи Колектив со концерт на најдобрите хитови од изминатите 20 години постоење и недела, 9 април е резервиран за втор, акустичен концерт на Фанк Шуи, по нивниот распродаден концерт изминатата недела.

Билетите за настаните може да се набават на билетарницата на МКЦ или онлајн, на линкот bileti.mkc.mk.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.