На сцената на Театарот за деца и младинци од Скопје, вечерва во 20 часот премиерно ќе биде изведена младинската претстава „Како ќе го делиме мачорот?“, по текст и режија на Јане Спасиќ.

Во претставата играат: Драган Довлев, Ана Левајковиќ Бошков, Матеа Јанковска, Никола Наковски, Ангела Димитрова, Ненад Митевски и Марија Ѓорѓијовска. Од ТДМ нагласуваат дека ова е претстава за деца над 12 години.

Инспириран од романите на познатата авторка за деца и млади, Џуди Блум, Спасиќ го пишува текстот „Како ќе го делиме мачорот?“, кој како и во нејзините книги, искрено ја отвора и согледува темата на развод во една фамилија и она низ што минуваат децата и родителите во тој процес.

Непристрасно, смело, но и нежно, оваа претстава ги отвора табу темите, и ги прикажува повеќето стравови на децата и родителите и притоа, ги поставува вообичаени прашања и перспективи и дилеми на секој развод. На тој начин искрено и отворено ги раскажува премолчените разговори при овој тежок процес.

Преку приказната за разводот на фамилијата Неделковски, претставата е како „отворен разговор“ за сите деца и млади што го минуваат или го минале овој процес, но и поттик за родители да ја разберат нивната позиција и потреби. Од друга страна таа, на еден свој начин е „другар“ на сите кои минале низ ова, едно место каде се одвиваат сите потиснати разговори, но и „прирачник“ за однесување за сите најблиски пријатели, другари и останати членови на семејството, кои сведочат за развод на своите ближни.

Иако се бави со една тешка тема, претставата релативно лесно, „шета“ по сите потиснати и скриени катчиња на една фамилија во развод, а со тоа прикажува многу светла на краевите на повеќе тунели, понудувајќи повеќе убави исходи, отколку лоши.

Првата реприза е закажана за 28 ноември од 20 часот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.