Неверојатен и рафиниран квалитет на звукот, беспрекорна техника,инструментална култура и фасцинантна слобода со неверојатен интерпретациски квалитет во изведбите донесе вчеравечер на „Охридско лето“ македонскиот виртуоз на пијано, Дино Имери.
Во црквата „Света Софија“ пред бројната и воодушевена публика, овој реномиран пијанист ги изведе композициите „Балада бр. 1“ оп. 23 во g-moll и „Херојска Полонеза” оп. 53 во As-dur од Фредерик Шопен, како и Сонатата бр. 1 од Сергеј Рахмањинов.

Ова е програма што оваа сезона нема да ја свирам на ниту едно друго место освен на фестивалот „Охридско лето“. А причините се многу значајни за мене и пред сè, лични. Фестивалот „Охридско лето“ го врзувам со најубавите моменти од моето детство, но и понатаму. Како растев и созревав како уметник, ги посетував речиси сите концерти, и како ученик и како студент. Одамна ја замислував оваа програма како би звучела во прекрасниот амбиент на црквата „Света Софија“. Особено важи за музиката на Рахмањинов, за Сонатата број 1 која е невројатно дело, комплексно, но и прекрасно и мислам дека идеално се вклопува во овој амбиент, вели пијанистот Имери.

За неговата уметност стручната критика ќе напише: „Дино Имери, не само што ја изведува музиката, скоро како да ја компонира во моментот, а француските критичари го сметаат за „магионичар на пијаното“.

Ми годи овој комплимент во смисла што не се гледа работата позади магијата. Да бидам наречен магионичар секако дека е еден вид комплимент бидејќи во денешно време во оваа работа со којашто се занимавам нема ништо што доаѓа лесно и преку ноќ колку што оној магионичарски трик на почеток можеби би се чинел многу лесен како што магионичарот го изведува, но позади тоа стојат години и години работа, труд, искуство, многу грешки,многу растење и многу размислување. Во таа смисла ми годи комплиментот „магионичар на пијаното“ затоа што секако дека е успех целата таа мака и труд да бидат во служба на уметноста.

За својот долгогодишен труд, Дино Имери е добитник е на бројни награди и признанија „Виртуози“ за млад музички уметник, „Мајка Тереза“ за хуманост, Лауреат е на Фондацијата „Томислав Зографски“, Златна Бубамара на популарноста, рангиран е во десетте најдобри млади европски пијанисти според 3eme Concours européen de piano – Normandie и др. Имери се потпишува на повеќе изданија за престижни дискографски куќи, бележи успеси и како композитор, пишувајќи музика за филм, театар, инструментална и вокална музика.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.