Завршната манифестација на годинашниот „BookStar“ го задржа вниманието на интернационалната публика, која со внимание го проследи разговорот со нобеловката Светлана Алексиевич (Белорусија), годинашната добитничка на наградата „BookStar“ за нејзиниот роман „Војната нема женско лице“. Разговорот го водеа Андреј Јованчевски и Лидија Танушевска.

Алексиевич, која е родена во 1948 година во Ивано-Франкoвск (Украина) од татко Белорусин и мајка Украинка, а чии книги се преведени на повеќе од 30 јазици и биле основа на десетина драмски поставки и дваесетина филмски екранизации, зборуваше за своето пишување, за преводите, за наградите, за потресните приказни на обични луѓе со кои се сретнува и кои се инспирација за нејзините книги, но најмногу зборуваше за најболната точка од поновата историја, актуелната војна во Украина, видно потресена од настаните.

– Ви благодарам што толку многу ја цените мојата работа и извинете што не можев да дојдам – рече Алексиевич и меѓу другото изјави: – Знаете, дознав дека има многу жени во украинската армија, дури има и мал белоруски одред, составен од жени што поминуваат обука и се подготвуваат за војната. Многу од нив ја имаат читано „Војната нема женско лице“ и се надевам дека книгата им дава сила. Не мислам дека ги исполнува со омраза, би сакала да ги исполнува само со сила. Оваа книга започна со мојата новинарска работа. Секаде каде што заминував по новинарски задачи – а во тоа време многу се пишуваше за војната – секаде ги слушав машките приказни. Жените како да ги немаше, мажите ги истиснуваа на втор план. Дури кога ќе влезеш во некој дом, каде што војувале и мажот и жената, мажот цело време ја истерува жената во кујна, не ѝ дава збор: „Оди направи чај, оди исечи колач, јас ќе раскажам сè што треба“. И кога жената ќе заминеше во кујна, ќе прашав: „Зошто правите така?“ А одговорот беше: „Што ќе ви каже таа? Што може жена да ви раскаже?“ Таков беше машкиот однос. Мажите, може да се каже, ја имаа украдено победата од жените по војната. И колку повеќе одев и се среќавав со тие жени, толку повеќе осознавав дека тие раскажуваат за една сосема друга војна, не за истата за која зборуваа мажите. И таа војна – се сеќавам како разбеснетитот цензор ми мавташе со ракописот пред лице и ме прашуваше: „Кој ќе оди да војува ако ја прочита вашава книга?“ Пацифизмот беше навредлив збор во тие времиња. А јас сакав да ја раскажам вистината

Алексиевич е добитничка е на огромен број награди. а за нејзиниот полифоничен дискурс, споменик на страдањата и смелоста на нашето време, Кралската шведска академија на науките ѝ ја додели Нобеловата награда за литература во 2015 година.

– Пред многу години бев зачудена кога во дневниците на Толстој, пишувани по „Ана Каренина“ и по „Војна и мир“, се соочив со следниве зборови: „Наскоро на писателот ќе му биде срам да измислува живот, а ќе стане важно да се запишува онаков каков што е, да се слушаат и запишуваат самите луѓе.“ И би рекла дека јас спаѓам во редот на тие писатели, а кога зборуваат дека тоа наводно не е литература – тие луѓе се замрзнати во стариот свет, а вие гледате како светот се менува. Што е ликовната уметност, да речеме? Денес таа е веќе поинаква, бара други форми, на кои веќе сме навикнати. А книжевноста, од некоја причина, сакаме да ја затвориме во старите форми. И кога Нобеловиот комитет ја покажа таа широчина, кога книжевноста исто така бара нови форми, кога бара сака да му се приближи на животот, на денешната реалност, на денешниот човек, на неговата свест, на неговите мисли, чувства – тоа исто така бара поинакви форми, поинаков стил. Самиот живот го побара тоа.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.