Во спомен-собата „Т’га за југ“ во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи разговор со Билјана С. Црвенковска, авторка на книгата „Девет приказни за госпоѓица Сит“. Воедно ова ќе биде книга за месец октомври во библиотеката во рамките на кампањата „Читаме современи македонски автори“. Разговорот со Црвенковска ќе го води Александра Јуруковска, а фрагменти од книгата ќе чита актерката Ива Милчова. Влезот за настанот е слободен.

„Разговор со…“ е дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“ чија цел е да ги доближи делата на нашите современици до нашите читатели. Читањето на домашните автори значи поддршка за нивното творештво, за македонското издаваштво и за македонскиот јазик.

Билјана Црвенковска, писателка, сценаристка , уредничка и преведувачка, магистер по филозофски науки. Главен уредник е во издавачката куќа Чудна шума, како и во истоименото е-списание за деца .

Пишува книги за деца и млади, но и проза, поезија и сценарија за ТВ и анимирани серии. Има напишано повеќе романи за деца, меѓу кои: „Што сонуваше Дедо Мраз“, „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња“ и наградуваниот „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“. Автор е на сликовниците и сценаријата од серијалот „Светот на Биби“, како и на наградуваната сликовница „Невидливата куќа“, илустрирана од Ване Костуранов.

Има добиено повеќе награди и признанија за нејзините романи и сликовници, меѓу кои и наградата „Ванчо Николески“ која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, за книгата „Приказни за добра ноќ на мама Ана“ за 2020 година.

Со нејзините два романи за возрасни, „Девет приказни за госпоѓица Сит“ и „Куќа над брановите“, влезе во најтесен избор за наградата Роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“ за 2019 и 2020 година.

Автор е и на една графичка новела „Девојчето кое танцуваше со пролетта“, на стручниот труд од областа на семиотиката: „Митски лавиринт: патување низ митските слики“, како и на повеќе песни, раскази, научни есеи и трудови, театарски критики, новинарски текстови и колумни, објавувани во повеќе антологии, списанија и публикации.

Црвенковска е креатор и автор на сценаријата за анимираните филмови од серијалот „Светот на Биби”, а еден од сценаристите е и на сериите за деца „Пет Плус фамилија” и „Зоки Поки”.
Нејзини книги и раскази се преведени на српски, англиски, француски, германски, украински, албански, руски, словенечки, полски, турски, хрватски и чешки јазик.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.