Еден од централните настани на „Букстар“ беше претставувањето на наградата за најдобар превод „Драги“, која годинава постхумно му беше доделена како почесно признание на Драги Михајловскиво чија чест е и востановена. Низ краткиот филм прикажан во киното „Фросина“ многумина во салата со грутка во грлото се потсетија на овој наш неприкосновен преведувач и писател. Наградата е востановена за да не се заборави неговиот лик и дело, но и да се подигне нивото на важност на преведувањето како професија. Од наредната година ќе се доделува за најдобар превод меѓу две изданија.

– Драги Михајловски, раскажувачот, романсиерот, препејувачот, оној кој постојано длабеше низ слоевите на македонскиот јазик, откривајќи ги неговите чудни, непредвидливи, незнајни длабочини, човекот со чие заминување замина и еден речник на македонскиот јазик – вели Владимир Јанковски во кусиот документарец.

Во филмот е поместено и сеќавањето на писателката Оливера Ќорвезироска.

– Понекогаш ги откопуваше зборовите од нашите сеќавања, понекогаш, чинам, ги измислуваше, ама секогаш ни беа познати, некако наши, знајни, можни… Тоа беше најубавото јазично искуство во мојот живот. Ми остана зборот баздригалница како подарок од Драги. Ни ден-денес не знам што значи точно. И денес прв збор што ми дојде на ум кога слушнав за заминувањето на Драги е токму баздригалница. Нешто полно со бои, со живи, расползени зборови и многу човечка мекост. Зборот на Драги – нашата негова или неговата наша баздригалница… – се сеќава Ќорвезироска.

Наградата му беше врачена на семејството на Михајловски, кое ја искажа својата поддршка и благодарност за иницијативата кон ова значајно признание.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.