Хрватската и европска писателка Дубравка Угрешиќ почина на 73 години од животот, во кругот на пријателите и семејството.

Дубравка Угрешиќ се етаблираше како една од најистакнатите европски книжевнички и есеистки.

Од нејзините рани постмодернистички дела, преку елегичното соочување со распаѓањето на нејзината југословенска татковина и промените после паѓањето на Берлинскиот ѕид, до записите за популарната и книжевната култура, нејзиното дело е обележано со ретка комбинација на иронија, полемичност и сочуствителност.

Изложена на јавен прогон и медиумско малтретирање, таа ја напушти Хрватска во 1993. Се залагаше за правото на авторите да не ги признаваат и почитуваат етничките и националните граници. Во егзил, кој на крајот стана емиграција, нејзините книги беа преведени на многу јазици.

Нејзини најпознати наслови се „Штефица Цвек во челустите на животот“, „Форсирање на романот река“, „Култура на лагите“, „Баба Јага снесе јајце“, „Лисица“. Дубравка Угрешиќ живееше и работеше во Амстердам.

Контрапункт и КРИК – фестивал за критичка култура заедно со Мултимедијалниот институт од Загреб, во изминатава година, во пријателска комуникација и соработка со Дубравка Угрешиќ ги подготвија и преведоа нејзините книги: „Штефица Цвег во челустите на животот“, „Тука нема ништо“, „Црвеното училиште“.

Други нејзини дела преведени на македонски јазик се: „Доба на кожата“, „Европа во сепија“, „Лисица“, во изадание на Антолог, „Музеј на безусловното предавање“, „Забрането читање“, „Култура на лагата“, „Баба Јага снесе јајце“, „Министерство на болката“, „Нема никој дома“, во издание на Сигмапрес.

Лани Угрешиќ беше лауреатка на книжевниот фестивал „Друга приказна“ во Скопје, а во видеоразговорот со македонската писателка Румена Бужаровска таа зборуваше за своето творештво и општествен ангажман. За вонредните остварувања на Угрешиќ во експерименталната проза говореа писателот Гоце Смилевски, книжевната теоретичарка Мерима Омерагиќ и книжевната критичарка Ирена Јовановиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.