„Почеток“ е насловен концертот на Филхармонијата вечер од 20 часот со кој ќе биде отворен вториот дел од концертната сезона „80 години – Љубов!“. Како солист ќе настапи кларинетистот Здравко Ангелов, а оркестарот ќе го води диригентот Алфонсо Скарано од Италија.

На програмата се симфониската поема „Ноќ на голото брдо“ и суитата „Слики од изложба“ од рускиот композитор Модест Мусоргски. Премиерно ќе биде изведена и Сонатата бр. 1 за кларинет и симфониски оркестар од Јоханес Брамс во аранжман на Лучано Берио.

Здравко Ангелов (1978, Струмица) 11 години е вработен како прв кларинетист на Македонската филхармонија. Претходно работел во Државното музичко училиште во Скопје и бил надворешен соработник на Македонската опера и балет. Учествувал на значајни фестивали и концерти и е носител на бројни награди и признанија.

-Исклучителната музикалност и посветеност на Ангелов е препознаена од многу светски имиња кои сведочат за прекрасната атмосфера која тој ја создава музицирајќи. Настапува под палката на исклучителни диригенти, како Борјан Цанев, Саша Николовски-Ѓумар, Даниел Рајскин, Урош Лајовиц, Јерухам Шаровски, Владимир Ашкенази, Јануш Пшибилски, Антон Нанут, Пол Меер, Емил Табаков и многу други светски познати диригенти, наведува Филхармонијата.

Италијанскиот диригент Алфонсо Скарано, кој вечер ќе го води оркестарот на Филхармонијата, веќе седма сезона е шеф-диригент на Тајландскиот филхармониски оркестар, откако работел како гостин диригент шест сезони, од 2011/2012.

Покрај неговата работна позиција во Бангкок, Скарано редовно диригира со оркестарот на Симфонискиот оркестар на Ерусалим, „Оркестро симфоника“ во Бразил, со Рускиот симфониски оркестар во Москва, Државниот оркестар во Истанбул, Киевскиот симфониски оркестар на Националната радио и телевизија, Прашката филхармонија.

Соработувал со врвни инструменталисти, диригирал и оперски репертоар, поддржувач и промотор е на современата музика, диригирал повеќе праизведби на дела од Наронг Прангкаорен, Герхард Кофман, Симон Лакс, Паоло Уголети, Роберто ди Марино, Фредерик Остерлинг, Колин Рајли… Покрај класичните балети („Лебедово езеро“, „Дон Кихот“ и „Рајмонда“), Скарано, исто така, е фокусиран и на современ балет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.