Со македонска премиера на „М“ на режисерот Вардан Тозија синоќа, во паркот зад Младонски културен центар (МКЦ) беше отворен 22. Меѓународен сестивал на европски филм „Синедејс“.

Овој филм го посветувам на тие неколку мои луѓе кои прерано заминаа и не дочекаа да ја видат премиерата. Се надевам дека од некаде гледаат и се смешкаат. Се надевам им е ок, рече Тозија по проекцијата на филмот.

Вардан Тозија е син на актерка Сабина Ајрула и режисерот и амбасадор Љупчо, и внук на филмскиот продуцент Горјан Тозија, кои починаа во период од неколку години.

Повеќе од илјада гледачи го следеа филмот „М“, бидејќи имаше две проекции – во паркот зад МКЦ и во киното „Фросина“.

„М“ е втор долгометражен филм на Тозија, по успешниот „Џган“ во 2016 година.

Тозија и Даријан Пејовски се автори на сценариото на „М“, кинематографер е Влатко Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески-Кикич, костимите се на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек.

Улогите ги толкуваат: Матеј Сиваков, Александар Ничовски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Камка Тоциновска, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Оливер Митковски, Владимир Тулиев… Продуцент на „М“ е „Фокус покус филмс“ од Скопје во копродукција меѓу Хрватска, Косово, Луксембург и Франција.

Благодарност до режисерот Тозија и продуцентот Дарко Попов кои ни овозможија Скопје вечерва да ја добие посакуваната фестивалска атмосфера и заедно со комплетната авторска и актерска екипа да го имаме ова задоволство. Ние како тим се трудиме вечерашниот фестивалски филмски шарм и содржина да ги одржиме низ целото издание на „Синедејс“ затоа што имаме одлична програма која витешки ја сработивме со драстично намален буџет. Се надевам дека годинешниов исклучок нема да биде практика, изјави  Маргарита Арсова програмски координатор на „Синедејс“ на отворањето.

Александар Ничовски, Сашко Коцев и Матеј Сиваков / Фото: МКЦ

Под слоганот „Муви најт“, Скопје до 18 јули ќе живее во филмот на „Синедејс“, за жал со редуциран број на локации и филмови на репертоар, но доволно атрактивни да ги задоволи и најпребирливите филмофили.

Дарко Попов, продуцент/ Фото: МКЦ

На годинашното издание на „Синедејс“ се најавени 40 филмови во неколку селекции, уникатни работилници, мастер клас и панел дискусија, како и неколку концерти.

Со македонска премиера на „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски, на 18 јули се затвора годинашното издание на „Синедејс“.

Билетите за „Синедејс“ ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.