На големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) вечерва, во 19 часот ќе се одржи промоцијата на монографијата „АКТ – Театарот низ фотографии” од Кире Галевски.

На 300 страници се објавени 405 фотографии од 40 претстави. Опфатен е периодот од 1993 година, со фотографии од претставата „Народен пратеник“ во режија на Димитрие Османли, па сѐ до „Работи за кои не зборуваме“ на Нела Витошевиќ од 2021 година.

Самото отворање на архивите стари по 20-30 години ја отвори и Пандорината кутија. Многу необјавени материјали за животот во и околу театарот, вели Галевски во разговор за „Република“.

Галевски работи театарска фотографија три децении. Како што вели, со текот на времето и општествените прилики, интересот го насочил повеќе кон портретната и рекламна фотографија, но театарот и театарската фотографија се во неговиот фокус.

Проектот на Галевски, е во соработка со издавачот на монографијата, Македонскиот народен театар, а автори на есеите се Искра Гешоска, Дејан Дуковски, Sвездан Георгиевски, Нина Николиќ, Ѓорѓи Јолевски, Срѓан Јаниќијевиќ и Ивана Јарчевска. Ликовното и графичкото уредување на монографијата е на Зоран Кардула, а уредник е Билјана Црвенковска.

Галевски: При селекцијата се водев строго од естетско-визуелните квалитети на материјалот Фотографија: Игор Тодоровски

Пред повеќе од една година, кога поради пандемијата на ковид-19, театарот кај нас замре, го создадовте веб-проектот „Театарот и градот“ кој содржеше објавени и необјавени фотогафии од татарската сцена кај нас. Дали тој проект ја разработи идејата за создавање на монографијата „АКТ – Театарот низ фотографии”?

ГАЛЕВСКИ: Пред околу три години почнав да ја формирам идејата за една ваква публикација. Уште веднаш, Македонскиот народен театар застана зад оваа идеја и оттогаш го „туркаме“ проектов. Како придружен настан беше планирана и изложба на фотографии насловена како „Театарот и градот“ за која добивме поддршка од Градот Скопје.
Но, кога почна пандемијата, ни стана јасно дека долго време нема да бидат можни јавни настани од ваков тип и речиси се откажав од идејата за изложба. Во меѓувреме, Градот Скопје ја отвори програмата „Култура за време на корона“ која поттикна многу автори своите дела да ги стават на располагање на јавноста преку он-лајн платформи. Едноставно, почуствував обврска дел од материјалот да го подготвам за он-лајн презентација како би станал достапен до љубителите на театарот и така се роди веб-проектот „Театарот и градот“.

Колку театарски фотографии содржи Монографијата? Како го направивте изборот? Што беше пресудно кога решававте што ќе влезе. а што ќе отпадне?

ГАЛЕВСКИ: На 300 страници се објавени 405 фотографии од 40 претстави. Опфатен е периодот од 1993 година, со фотографии од претставата „Народен пратеник“ во режија на Димитрие Османли, па сѐ до „Работи за кои не зборуваме“ на Нела Витошевиќ од 2021 година.
Најтежок дел од уредувањето на публикацијата беше токму финалниот избор на фотографии. Дополнително, не се водев по оние селекции кои сме ги правеле во времето кога беа фотографирани претставите, туку сакав да го прегледам целиот материјал и да направам една свежа селекција гледана од денешна перспектива.

Со самото тоа што ова е фотомонографско дело, при селекцијата се водев строго од естетско-визуелните квалитети на материјалот. Јас лично со многу од фотографиите сум и емотивно врзан и тоа можеби во некои случаи ме прави и некомпетентен реално да ги оценам. Затоа во целиот процес ми беше потребен и уште еден пар очи кои независно и од друга перспектива ќе го гледаат материјалот и во тоа многу ми помогна уредничката на оваа публикација Билјана Црвенковска.

При распоредот на фотографиите и претставите како целини се водевме според фото-наративни принципи при што целта ни беше гледачот да може да си склопи приказна гледајќи ги фотографиите и ако не го гледал конкретното дело во театар. Сепак, поради ограничениот простор многу фотографии кои ми се драги не влегоа во финалниот избор и ќе чекаат своја шанса во некоја друга прилика.

Ирена Ристиќ, „Аферата Елсинор“

Освен на сцената, театарската уметност е присутна и зад неа. Дали во Монографијата има фотографии од зад сцената, додека се подготовува една претстава или пак се спрема актерот да излезе на сцената?

ГАЛЕВСКИ: Последниве неколку години се трудам да го сменам процесот на фотографирање токму во таа насока. Ако во минатото пробите, подготовките и сѐ она што се случува зад сцената го фотографирав инцидентно, сега настојувам тоа да го правам плански и во договор со режисерот и целата екипа. Крајната цел е да добиеме материјал кој ќе сведочи за процесот на создавање на едно театарско дело. Во монографијава ќе видите и дел од тие фотографии.

Се занимавате со различни видови фотографии во текот на вашата кариера, но интересот за театарската фотографија ви е постојан. Што е тоа што постојано го откривате?

ГАЛЕВСКИ: Преку новинската фотографија и мојот прв сериозен ангажман како фоторепортер во неделникот „Пулс“, ја почнав и соработката со скопските театри. Отпрвин намената на тие фотографии беше да се одбележи некоја премиера или јубилејна изведба на станиците на весникот, за подоцна да ги добијам и првите понуди од театрите за фотографирање на претставите. Едноставно, растеше свеста за важноста на татарската фотографија од една страна за маркетиншки цели, а од друга страна, во еден подолгорочен план за архивирање на живата македонска уметност.

Со текот на времето и општествените прилики, својот интерес го насочив повеќе кон портретната и рекламна фотографија, но театарот и театарската фотографија ми остана во фокусот. Едноставно тука го гледам својот креативен вентил и се чувствувам најкомотно. Работата со врвни уметници посветени на својата работа прави секој проект, секој процес да е толку различен еден од друг и открива слоеви и слоеви на содржини кои чекаат да го видат светлото на денот.

Драгана Костадиновска и Дејан Лилиќ во „Мајсторот и Маргарита“

Вашите театарски фотографии функционираат како независно уметничко дело. Што е потребно за таква фотографија? Лично познаство со екипата, текстот кој се работи, мотивот да се направи добра фотографија?

ГАЛЕВСКИ: Би рекол дека е спој на сево ова што го наброивте. Тука мислам дека многу ми помага и моето искуство во life и новинската фотографија. Таа нѐ учи дека за фотографот еден настан не трае колку што е неговото апсолутно времетраење туку само еден момент. Сѐ пред тоа е подготовка за тој момент на кулминација и сѐ потоа е со помал интензитет.
Тој момент е всушност фотографијата што ја барам во одредена сцена. Тоа сепак е субјективен момент, кој се разликува од фотограф до фотограф, и нѐ прави сите различни.

Личното познанство, односно претходните соработки со екипата многу го олеснува самиот чин на фотографирање и за мене а и за оние од другата страна на фото-апаратот. Да ги познаваш навиките, да знаеш што од кој актер да очекуваш во даден момент, да ти е познат сензибилитетот на режисерот кој го работи делото, да ја познаваш сцената и нејзините можности – само ме растеретува од непотребните дистракции и ми овозможува да се фокусирам на својата работа.

Игор Стојчевски и Дениз Абдула во „Ромео и Џулиета“

Со децении сте дел од сцената, сигурно сте изградиле и лични пријателства со дел од актерите, режисерите…Како Вие ги доживавте премиерите на претставите и подоцна животот на една претстава?

ГАЛЕВСКИ: Во овие речиси 30 години на соработка со македонските театри се родија многу пријателства. Живееме, се дружиме и работиме на проекти во и вон театарот.
Премиерите, како круна на театарскиот проект се врвот на возбудата кај секој еден член во тимот. Воедно и голем фотографски предизвик, зад сцената да се регистрира тој емотивен набој. Често ми се случува откако некоја претстава ќе заживее на сцената, после поголем временски период да направам нова серија на фотографии. Понекогаш е многу интересно да се компарираат исти сцени во различни временски периоди. Во монографијава тоа може да го забележите кај „Животот на Молиер“ на Александар Поповски, сликана во 2012 и во 2019 година.

Билјана Танески и Тони Михајловски во „Едмонд“

Создавање архива е еден вид создавање историја за идните поколенија. Колку македонската култура се грижи за архивирање на најважните настани?

ГАЛЕВСКИ: Кога ги започнавме подготовките околу проектов, баравме некаков репер, нешто слично како насока издадено во нашава земја. Не најдовме. Слободан Унковски ми даде монографија на ЈДП издадена во 2018 и тоа ни беше единствен репер од регионов за сличен тип на монографија, но сепак многу различно од тоа што сакавме да го добиеме. Тоа мислам е доволен одговор на вашево прашање. Македонскиот народен театар направи еден исчекор во тој поглед и се надевам дека примерот ќе биде следен и од другите институции и дека ќе зачести продукцијата на вакви дела.

Монографијата е во соработка со издавачот, Македонски народен театар, а во неа како автори на есеите се потпишуваат драматурзи, актери, режисери, театролози. Сигурно имате материјал за уште најмалку две-три книги, но што следно ќе работите?

ГАЛЕВСКИ: Уште од самиот зачеток на идејата, добивме поддршка од МНТ и Симона Угриновска како директор на театарот. Составивме одличен тим. Есеите ги пишуваа Искра Гешоска, Дејан Дуковски, Срѓан Јаниќиевиќ, Ивана Јарчевска, Нина Николиќ, Sвездан Георгиевски и Ѓорѓи Јолевски. Предговорот е на Билјана Црвенковска која е и уредничка на публикацијата. Дизајнот е на Зоран Кардула, а координатор на проектот Виктор Рубен. На сите сум им благодарен за одличната соработка.

Самото отварање на архивите стари по 20-30 години ја отвори и Пандорината кутија. Многу необјавени материјали за животот во и околу театарот. Тие материјали, заедно со фотографиите од претстави сликани во останатите скопски театри – Драмскиот, Тетарот за деца и младинци, сцената на МКЦ, Турската драма, и други независни проекти ги планирам за следната изложба за која ми е повод 30 годишната работа врзана за театарската фотографија.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.