Стотина графики од современи автори од земјава и од светот ќе бидат претставени на 6. Меѓународна изложба „Ex Libris Скопје 2023“, која ќе биде отворена вечер во 20 часот во Културно-информативниот центар – Скопје.

Делата се изработени во различни традиционални графички техники, како линорез, сува игла, бакропис, мецотинта, акватинта, фотолитографија, како и современи техники – дигитална графика и нивно комбинирање.

Ex Libris, што буквално значи „од книгите на”, е латински израз што се користи за означување сопственост на книга. Ex Libris графиката се однесува на уметничките идентификации поставени во книгите за да ги означат сопствениците и воедно да ја украсат книгата, соопшти КИЦ-Скопје.

Изложбата е биенална, а првото издание се одржа во 2012 година. Колекцијата од изданијата на меѓународната изложба „Ex Libris Скопје“ досега има над 600 дела од 300 автори од четириесетина земји.

Покрај натпреварувачкиот карактер, изложбата сама по себе претставува прослава на графиката и литературата во својата класична колекционерска форма. Имајќи ја предвид современата дигитална култура, книгата како колекционерски артефакт е сѐ помалку застапена во животот на секојдневниот читател, а со тоа и потребата од категоријата Ex Libris. Оваа изложба има цел да го поттикне интересот кон традиционалните графички техники и да ја освежи колекционерската култура на книгите, наведува КИЦ во најавата за изложбата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.