Во пресрет на новото издание на филмскиот фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“, во периодот од 9 април до 11 јуни, секоја сабота од 10 часот, во Кинотеката ќе се одржува програмата „Џифони филмски денови“, намената за учениците од скопските основни училишта. Ќе се прикажува по еден европски игран филм наменет за младата публика, проследен со дискусија и средба со филмски автор или актер.
Филмовите опфаќаат теми што ја засегаат младата генерација. На првиот ден од манифестацијата ќе биде прикажан филмот „Патешествието на принцот“, кој успешно допира две важни теми: првата се однесува на предрасудите во општеството и стремежот да се пронајде место за креативност и слободна мисла, а втората тема се однесува на зачувувањето на животната средина. „Патешествието на принцот“ е француско-луксембуршки филм од 2019 година, во режија на Жан-Франсоа Лагиони и Ксавие Пикар.
Гостинка на средбата ќе биде Леона Јариќ, добитничка на наградата „грин компетишн“, во организација на „Јурп хаус“. Таа ќе го претстави своето најново остварување и ќе разговара со младата публика за тоа како започналa да снима филмови, а ќе се осврне и на освоената награда – професионална камера.
Потоа на програмата ќе следува „Филмска училница“ – работилница што Кинотеката ја организира веќе трета година. Работилницата, која ќе се реализира под менторство на режисерката Марија Џиџева, ќе биде фокусирана на поттикнување на креативноста на младите што сакаат да ја раскажат својата кратка приказна со аудиовизуелен јазик близок на новите генерации. Филмовите што ќе произлезат од работилницата ќе бидат на десеттото издание на „Џифони Македонија“ и заедно со филмовите направени на фестивалот ќе се натпреваруваат за главната награда – професионална камера.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.