Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид вечерва во 21 часот ќе биде изведена претставата „Нора“ од Хенрик Ибзен во режија на Нела Витошевиќ, на Градски театар Љубљана од Словенија. Драматург е Петра Погоревц, сценографијата е на Урша Видиќ, а костимографијата на Тина Бонча. Улогите ги толкуваат Ајда Смрекар, Матеј Пуц, Јернеј Гашперин, Нина Раковец и Јуриј Древеншек. Претставата трае два часа без пауза и е наменета за целата публика.

Нора е приказна за навидум среќно мажена мајка на три деца. Нејзиното семејство, по долги години откажувања, ужива удобен живот, затоа што нејзиниот сопруг Торвалд Хелмер добива работа како директор на банка. Сè би било во совршен ред доколку Нора не ја прогонува непромислениот чин што го направила во минатото од љубов кон својот сопруг.

„Нора“ или „Домот на куклата“ е едно од најпознатите и најчесто изведувани дела на норвешкиот драматург Хенрик Ибзен. При праизведбата во 1879 година, во Кралскиот театар во Копенхаген, Нора предизвикала невиден скандал. Во пиесата, авторот критички го начнува проблемот на патријархално уредениот модел на граѓанско семејство и го артикулира правото на жената да избере ослободување од подреденоста во бракот.

Нела Витошевиќ (1984) е една од најистакнатите претставници на помладата генерација македонски театарски творци. Во 2007 година дипломирала театарска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на ширум познатиот режисер Слободан Унковски, каде што и магистрирала во 2014 година. Досега, на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“, на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ и на Меѓународниот фестивал МОТ има добиено 15 награди. Од 2017 година е вработена во Македонскиот народен театар во Скопје како режисерка. Има режирано околу 30 претстави на различни македонски сцени, од класични дела, современи пиеси како и сценски адаптации на филмски сценарија и кратка проза.

Во 2020 година, со својата независна група Wonderland Theater, на Интернет ја постави претставата „Илузии“ од современиот руски писател Иван Вирипаев, а во 2021 година, во копродукција со Драмскиот театар од Скопје, го создаде проектот „Работи за кои не зборуваме“, чиј текст е создаден врз основа на одѕивот од анонимниот конкурс преку кој луѓето споделуваа приказни за своите интимни трауми.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.