Во понеделник, на 21 август, во 20 часот ќе се отвори изложбата „Имагинариум“, илустрации за деца на академскиот уметник Христина Мазнеска.

„Имагинариум“ претставува самостојна изложба на академскиот уметник Христина Мазнеска, која ја сочинуваат 50-тина креативни колоритни илустрации за деца изработени во периодот меѓу 2018 и 2022 година. Ингениозноста и сестраниот креативен потенцијал на Мазнеска најдобро се одразуваат преку нејзиниот разновиден сликарски и илустраторски творечки опус. Многубројните илустрации за деца се изработени во дигитален медиум (таблет за цртање и дигитален софтвер). Како резултат на успешната и плодна соработка меѓу авторите од разни земји (САД, Канада, Австралија, Велика Британија и Бугарија) и Мазнеска, произлегуваат многубројни раскошни и разиграни дигитални илустрации коишто на невините детски умови визуелно им ја пренесуваат убавината на светот и ги поддучуваат на моралните доблести – идни водилки кои треба да ги применуваат во текот на животот.

Христина Мазнеска преку живописен и детален приказ на разни мотиви умешно ја воведува детската имагинација и љубопитност во невообичаен свет во којшто добрината и доблестите се наградуваат. Со ликовното визуализирање и толкување на личната бујна имагинација уметникот создава личен замислен универзум – имагинариум, составен од многубројни разиграни илустрации коишто ја поттикнуваат и збогатуваат фантазијата на детските умови, вели м-р Викторијата Димеска, историчарка на уметност, која е и автор на текстот.

Христина Мазнеска е сестрана уметница која работи во доменот на визуелните и применетите уметности. Родена во Прилеп во 1995 г. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 2018 г. во класата на проф. Жанета Вангели на отсекот сликарство со модул графички дизајн.

Имала четири самостојни изложби во земјава, а била учесничка на повеќе од триесет групни изложби и креативни работилници. Од 2018 г. работи како илустратор на многубројни креативни проекти. Освен тоа како уметник работела и на четири видео игри. Живее и работи во Скопје. Има дневник за цртање каде што доловува моменти од секојдневието и убавините на природата. Изложбата трае до 3о август

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.