Не постои свет во кој жените не треба да бидат загрижени затоа што се жени, вели мароканско-шпанската писателката На­џат ел Хач­ми, добитничка на наградата на Фестивалот на европска литература „Букстар“, што синоќа се отвори во Скопје, во киното „Фросина“ во Младински културен центар (МКЦ).

Книгата „Во понеделник ќе нè сакаат“, која како ѝ нејзините останати дела е феминистичка лектира како во Шпанија така и во остатокот на Европа. Романот се објави истовремено на каталонски и на шпански јазик во 2021 година и точно две години подоцна се појави и на македонски во превод на Лара Прокопиева. „Во понеделник ќе нè сакаат“ ја понесе наградата „Надал“ во 2021 година, најстарото признание за литература во Шпанија кое се доделува за најдобар необјавен роман на шпански јазик, а во октомври 2023 година оправдано ја добива и наградата „BookStar“ за најзначаен роман објавен во Македонија помеѓу две фестивалски изданија.

Со инспиративното обраќање на писателката Лидија Димковска, насловено „Со или без Please“ беше отворено 9. издание на фестивалот на европска литература „BookStar“, на кое гостите и публиката исто така ги поздравија и Mи­ни­стер­ка­та за кул­ту­ра Би­се­ра Ко­ста­ди­нов­ска Стој­чев­ска и Деј­вид Гир, ам­ба­са­до­рот на Европ­ска­та Уни­ја во  Ма­ке­до­ни­ја, кој ѝ ја до­де­ли на­гра­да­та „BookStar“ на На­џат ел Хач­ми.

Живееме во време кога многу се зборува за менталното здравје, веројатно затоа што некои проблеми во општеството сè уште не се надминати. Жените дури и во општества што би требало да бидат отворени, како што е Шпанија, каде што денес живеам, и каде што иако има силно феминистичко движење, жените се соочуваат со дискриминација, дури и силувања и убиства. Тие не го контролираат сопственото тело, тоа му припаѓа на сопругот, на семејствто, на околината. За сексуалноста не се зборува отворено, таа сè уште им потклекнува на нормите што ги поставува патријархатот – рече Наџат.

На­џат ел Хач­ми на те­ма­та „Да се би­де (по­и­на­ква) же­на“ раз­го­ва­раше со Ана Јо­вков­ска, но­ви­нар­ка и кни­жев­на истра­жу­вач­ка, и Але­ксан­дар Ма­џа­ров­ски, по­ет, пре­ве­ду­вач и јут­ју­бер поз­нат ка­ко Чи­та­чот. Таа е мароканско-шпанска писателка која пишува на феминистички теми. Родена е во Надор (Мароко) во 1979 година. На осумгодишна возраст емигрирала со своето семејство во Каталонија. Студирала арапска литература на Универзитетот во Барселона. Почнала да пишува кога имала дванаесет години, на почетокот од забава, а подоцна и како начин за изразување на сопствените размисли, но и за фрлање поинаква светлина на сопствената реалност составена од (најмалку) две култури на кои припаѓа.

Не можев да не се насмеам на мотото на овогодинешниот BookStar – Please Do Disturb!, односно на учтивото „Ве молиме“ во наредбата што речиси никој од нас во животот не може да ја слушне, а ни да му ја каже на некого. Напротив, сите ние претпочитаме да не нѐ вознемируваат, а и од нас се бара истото. Хотелските соби наместо Please Disturb имаат знак Please Clean the Room, иако би било вознемирувачки на кваката да се закачи знакот Please Disturb, па во собата да навали не само персоналот со правосмукалка, туку и секој кој ќе помине и ќе се почувствува поканет или повикан да „вознемирува“. И собата од стаклено ѕвоно за гостинот, да се претвори во арена на реалноста. Ама зошто и би го правеле тоа? Реалноста нѐ вознемирува и непоканета и неповикана, и, секако, без учтив тон. Реалноста нѐ урива како земјотрес, нѐ гори како пожар, нѐ разнесува како цунами, нѐ топи како санта мраз, нѐ повредува како сообраќајна несреќа, нѐ измачува како неизлечива болест, нѐ убива како војна – вака го почна своето обраќање Димковска за да заклучи дека во уметноста, во книжевноста мора да се биде радикален, да се оди до крај, дека писателот мора да се надмине себеси, да ги истисне сите немоќи и моќи од сопственото битие, да се нурне во заумните пространства на реалноста и во реалните пространства на заумот.

Димковска потенцираше дека литературата треба да го предизвикува и да го прави сето она што животот не смее да го прави.

Да биде земјотрес, да биде пожар, да биде поплава, да биде болест, да биде војна, да биде смрт. Да вознемирува за да смири, да урива за да гради. Да удира во карпата на системот, поткопувајќи го, да ја проветрува традицијата која во своите убави старински рамки содржи слоеви патријархална боја во однос на многу нешта и на многу човечки битија, да го преиспитува концептот на сето она што ограничува, затвора, не восприема, игнорира или омаловажува, не со реферати за колективни истории туку со приказни за човечки стории. Во ангажираноста на литературата верувам тогаш кога таа на суптилен и литераризиран начин ја пренесува личната сторија на мало парче од колективната историја – рече Димковска.

А добрата литература го прави токму тоа. И од отворањето на фестивалот „BookStar“ беше испратена токму таа порака – книжевноста треба да вознемирува!

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, книжевната мрежа Традуки, ЕУ со тебе (Eu with YOU), издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и од Чешкиот книжевен центар, Центарот за фламанска литература, Европската Унија, Културно–информативниот центар на Република Бугарија во Скопје и Амбасадите на Чешка, Шпанија и на Белгија. Фестивалската програма ќе се одвива на повеќе локации во Скопје. Медиумски покровител на настанот е Македонската радио телевизија. Визуелниот идентитет е авторство на Владимир Трајановски. Фестивалското видео го изработи Радмила Ванкоска.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.