Наградата „Владимир Георгиевски“ оваа година ја доби младиот ликовен уметник Ѓорги Динев, чии дела ќе бидат изложени на шестата изложба „Несовршен простор“ што ја организира Здружението за култура „Транзен“ од Струмица. Наградата ја финансира и доделува семејството на професрот Георгиевски, а изборот на победникот е направен во соработка со професор д-р Фехим Хусковиќ.

Во образложението за наградата стои дека делата на Ѓорги Динев се структурални, енформелни, навидум хаотични, но во нивната структура владее совршен распоред.

-Беспрекорна е ликовноста во композицијата. Неговото сликарство е симбиоза на графичките техники и сликарскиот јазик. Ликовните закони не се секогаш во хармонија со визуелните закони на природата. Ликовниот свет е автономен, независен и како таков тој содржи во себе посебни кодови на идентификација. Идентитетот на едно ликовно дело се потврдува преку отисоците и трагите од самиот автор, креаторот. Неговата целосна предаденост во процесот. Тие отисоци се видливи во делата на младиот уметник Динев. Самата техника е трансцедентна, некласична. Цртежот како да е изгребан во ѕид. А бојата е монохромна алхемија, напишаа во образложението организаторите.

Темата на годинашната изложба е „Пукнатини“, а на неа ќе се направи синтеза од различностите меѓу стилските особености на неколку ликовни творци што активно создаваат во своите ателјеа: Андреј Митевски, Трајче Чатмов, Синиша Новески, Тони Попов, Перо Георгиев, Марјан Стојаноски, Љупка Галазка Василев, Ване Костуранов, Дамјан Ѓуров, Никола Пијанманов, Ѓорги Динев, Вангел Срнаков, Озбек Ајваз и Верица Арапова.

Изложбата ќе биде поставена во просториите на „Europe House“ во Струмица задутре,а финансиски е поддржана од Делегацијата на ЕУ во Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.