На крајот на месецов, во периодот од 19 до 26 јануари, во Виена, Австрија, се одржа втората програмска сесија од културната академија на темата „Визуелни уметности“, во организација на „Култарт“, нова практична програма во културниот менаџмент иницирана да ги исполни празнините во академските образовни програми. Проектот започна есента во 2022 г. кога беше одржана првата програма на темата „Дизајн и архитектура“ во Лече, Италија, од 21 до 25 ноември 2022 година
Целите на академијата „Култарт“ се обуки што ќе се испорачаат на меѓународни групи на млади специјалисти и ќе го покријат целиот опсег на креативни индустрии во пет програми (фестивали, визуелни уметности, изведувачки уметности, дизајн и архитектура, применета уметност). Секоја програма ќе се одвива според распоредот во еден од петте партнерски градови: „Дизајн и архитектура“ во Лече, Италија, од 21 до 25 ноември 2022 година; „Визуелни уметности“ во Австрија, Виена, од 19 до 25 јануари 2023 година; „Применета уметност“ во Скопје, Македонија, од 27 до 31 март 2023 година; „Изведувачки уметности“ во Јанина, Грција, од 8 до 12 мај 2023 година, и фестивали во Пловдив, Бугарија, јули 2023 година.

Во текот на петте програми, меѓународните групи на културни менаџери ќе се сретнат со десет клучни говорници, експерти и практичари, кои ќе бидат менторирани на десетте наведени модули од програмата „Куларт“ – културни иновации, бизнис и претприемаштво, менаџмент и администрација, развој на проекти, прибирање средства, лидерство, управување со конфликти, медиуми и комуникација. Она што е суштинско за програмите „Куларт“ се предизвиците за студија на случај. Групите ќе имаат шанса да учествуваат во вистинскиот работен процес на културна организација во секоја програма. Петте организации за студија на случај ќе ги скицираат нивните главни алатки и модели, нивната тековна работа и проекти и ќе им дадат специфичен „предизвик“ на групите – велат од Националната галерија на Македонија.

Во доменот на визуелните уметности, а врз основа на меморандумот за соработка меѓу Националната галерија на Македонија и здружението за едукација „Еду центар“ – Скопје, НГМ е определена за партнер во проектот.

Како партнер во проектот добивме официјална покана за учество во програмата за визуелни уметности, која се реализира во Виена, Австрија. Локален партнер, пак, во програмата во Виена беше „Кунстхале Виена“, во организација на „Клиерли калчр“ и во соработка со програмата за културен менаџмент на Универзитетот во Виена. „Клиерли калчр“ под своја капа собира меѓународни експерти за културен менаџмент, литература, академија, архитектура и урбанизам и развој, социјална инклузија и интеркултурна комуникација, културна дипломатија, ликовни и изведувачки уметности и ангажман на заедницата. Специјализирана е за културни и социјални иницијативи, кои служат за инклузија, различност и дијалог. Тимот на „Клиерли калчр“ е мрежа на истакнати професионалци што работат во нивните области самостојно и се обединуваат за заеднички проекти и цели – велат од НГМ.

„Кунстхале Виена“, пак, е простор што опфаќа широка разновидност на меѓународната современа уметност и сродни современи дискурси. За таа цел, „Кунстхале Виена“ разви иновативни комуникациски формати, а како отворен форум, не е само колекција туку и простор за воспоставена уметност и преговарање за тековните прашања и идни случувања.
Темите на културната Академија во Виена беа: жив град; интеракција меѓу градовите и културно/социјални организации и проекти; спонзорирање и проекти на ЕУ; развој на публика; студија на случај за позиционирање, насоки, систем и стратегија за информации за посетители во „Кунстхале Виена“.
Наредната од петте е програмата што ќе се реализира во Македонија, на темата „Применета уметност“ од 27 до 31 март 2023 година.

ЕУ има силни и енергични културни и креативни индустрии. Овие не се само суштински за културната разновидност на Европа туку и зајакнувањето на социјалната кохезија и зголемувањето на привлечноста на Европа на меѓународно ниво. Културните и креативните сектори се важни сами по себе во однос на нивното економско влијание и вработување. Тие, исто така, поттикнуваат иновации низ економијата, придонесуваат за голем број други канали за позитивно социјално влијание (благосостојба и здравје, образование, инклузија, урбана регенерација) – додаваат од Националната галерија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.