Еден од филмовите со кои ја започнуваме мартовската кинотечна програма е РИМИНИ (Rimini) на Урлих Зајдл (Ulrich Seidl), долгоочекуваното враќање кон играниот филм на познатиот австриски режисер. Неговата нова мрачна и комична драма е портрет на еден „жиголо“ – маж што спие со жени за пари. РИМИНИ на суров начин го прикажува декадентниот и осамен живот на заборавена ѕвезда на крајот од својата кариера, во спектакуларна изведба на харизматичниот австриски актер Михаел Томас. Најпознат по трилогијата РАЈ: ЉУБОВ, ВЕРА, НАДЕЖ (Paradise: Love / Paradies: Liebe; Paradise: Faith / Paradies: Glaube; Paradise: Hope / Paradies: Hoffnung; 2012/2013), Зајдл е предводник на новиот австриски филм од почетокот на овој милениум, кој ги освои европските филмски фестивали. Зајдл е и расен документаристички автор, потписник на некои од „најсировите“ документарни филмови како ВО ПОДРУМОТ (Im Keller / In the Basement, 2014) или САФАРИ (Safari, 2016). Во нив, без пардон, прави вивисекција на австриското и европското општество, преплетувајќи ги фикцијата и документарното, и на тој начин создава посебен авторски ракопис по кој е познат.

Заедно со него е и КОРСЕТ (Corsage) на уште едно авторско име со домицилно австриско потекло Мари Кројцер (Marie Kreutzer). КОРСЕТ е храбра и субверзивна костимирана драма за Сиси, царицата Елизабета од Австрија, која се бунтува за ограничувањата во кралското семејство и на нереалната слика што светот ја има за неа.

На програмата е и ВАВИЛОН (Babylon) на Дамиен Шазел (Damien Chazelle), веројатно еден од најзборуваните филмови на сезоната. Опишуван како „Љубовно писмо до Холивуд“, новиот филм на Шазел (автор на постмодерната мелодрама ЛА-ЛА-ЛЕНД) е приказна за преголема амбиција и големиот успех, која ги следи подемот и падот на неколку ликови низ ерата на нескротливиот раскош и изопаченост во раниот Холивуд.

ЛЕТОТО КОГА НАУЧИВ ДА ЛЕТАМ (Leto kada sam naučila da letim / How I Learned to Fly) на Радивое Раша Андриќ (Radivoje Raša Andrić), пак, е нежна приказна за созревањето и помирувањето на дванаесетгодишната девојка Софија, која мора да го мине летото со нејзините здодевни баби.

АЛКАРАЗ (Alcarràs) на шпанската авторка Карла Симон (Carla Simón), која ја освои главната награда на Берлинале 2022, „Златната мечка“, како и уште 15 други награди на светските фестивали, а освои 50-тина номинации за награди, е приказна за последиците од економската криза кое ќе го почуствува едно семејство во селото Алкарас од регионот на Каталонија, во Шпанија.

Од домашните кинотечни бисери го прикажуваме КАДЕ ПО ДОЖДОТ (Where After the Rain) во режија на Владан Слијепчевиќ (Vladan Slijepcevic). Со Али Ранер, Илија Џувалековски, Олга Спиридоновиќ и Станислава Пешиќ во главните улоги, овој македонски филм од 1967 година ја раскажува сторијата за Лела, ќерка на родители чие учество во војната им овозможило успешни кариери. Таа ги има сите предуслови за лесна и богата егзистенција. Можеби затоа, младата девојка се спротивставува на малограѓанското разбирање на животот.

СЕЧИ! (Coupez! / Final Cut) на Мишел Хaзанавициус (Michel Hazanavicius) е одлична вест за фановите на овој необичен автор, кој со АРТИСТОТ не само што победи на доделувањето на „Оскарите“ и наградите БАФТА во 2012 година, туку постави и нови стандарди со неговото видување на стариот црно-бел формат како посвета на ерата на немиот филм во Холивуд. Овој пат ни подготви хорор-комедија во која работите тргнуваат наопаку кога мала филмска екипа снима нискобуџетен зомби филм и истите се нападнати од вистински зомбија.

Можете ли да го замислите А.П. Чехов во една необична и суптилно креирана адаптација, но на јапонски јазик? ВОЗИ ЈА МОЈАТА КОЛА (Doraibu mai kâ / Drive My Car) на Ријусуке Хамагучи (Ryusuke Hamaguchi) е исклучителна филмска драма снимена според кратката приказна на Харуки Мураками – трогателен патувачки филм за љубовта, загубата, прифаќањето и мирот.

На мартовската програма во Кинотеката е и филмот МАГНЕТНА РЕЗОНАНЦА (R.M.N.), новиот филм на Кристијан Мунџиу (Cristian Mungiu), миленикот на фестивалската публика ширум Европа. Овој пат неговата сторија говори за лик кој ја напушта работата во Германија и се враќа во родното (мултиетничкотрансилванско село. Сака да биде повеќе вклучен во растењето на својот син и да му помогне на детето да се ослободи од своите нејасни стравови.

Мартовската програма, понатаму, содржи и неколку анимирани филмови наменети за најмладата публика, потоа едно пригодно навраќање кон успешните домашни остварувања од минатата година: СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА, НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ и МИМИ, како и неколку нови остварувања од европските копродукции…

ПРОГРАМА МАРТ


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.